ФОТО+ВИДЕО | Откритие што се случува еднаш во животот — неоштетени римски бисти стари 1.700 години пронајдени во Израел
Две речиси совршено сочувани мермерни статуи од доцноримскиот период беа откриени при археолошки истражувања во северен Израел, а стручњаците веруваат дека една од нив би можела да претставува историска личност чие име е познато уште од времето на античка Грција.
Препорачано
Неверојатното откритие се случило на влезот во градот Бињамина, каде што археолозите наишле на две ретки мермерни бисти. Статуите биле закопани во јама на поранешна римско-византиска преса за вино, каде што останале недопрени речиси 17 века, пренесува „Харец“.
„Прерано е за заклучоци“
Особено внимание привлекол натписот на една од статуите. На постаментот било врежано името Ликург (Lycurgus), кое било добро познато низ грчко-римскиот свет.
Овој детаљ веднаш поттикнал бројни прашања меѓу стручњаците. Сè уште не е познато дали статуата навистина претставувала конкретна историска личност или станува збор за идеализиран приказ на позната фигура од античкото минато.
Според археологот д-р Питер Генделман, историјата познава две значајни личности кои го носеле името Ликург.
Првиот бил легендарниот основач на Спарта и творец на нејзините строги закони, додека вториот бил Ликург од Атина, угледен државник и говорник од IV век пред нашата ера.
– Можно е статуата да прикажува еден од нив, но истражувањата штотуку започнаа и прерано е да се донесуваат заклучоци – изјавил Генделман.
Археолозите веруваат дека статуите биле намерно скриени откако пресата за вино престанала да се користи. Засега не е познато кој ги закопал ниту поради која причина тоа било направено.
– Во овој момент не знаеме зошто биле скриени токму на тоа место. Можно е некој да се обидувал да ги заштити – соопштила Израелската управа за антиквитети.
Стручњаците сметаат дека е малку веројатно статуите да му припаѓале на обично домаќинство.
– Вакви предмети не се наоѓале во селски куќи. Тие морале да потекнуваат од богата и значајна средина – објаснил Елиран Орен, еден од раководителите на ископувањата.
„Беше целосно неочекувано“
Особено е интересно што статуите биле пронајдени на последниот ден од археолошките работи.Археологот Михаел Сорокин се присетил на моментот кога работниците забележале необичен предмет што ѕиркал од земјата.
– Додека ја истражувавме пресата за вино, забележавме нешто што излегуваше од почвата. Работниците ме повикаа да погледнам. Веднаш почувствувавме дека под земјата се крие нешто необично. На почетокот мислевме дека станува збор за керамика, но набргу сфативме дека е мермер. Додека внимателно ја отстранувавме земјата, пред нас постепено се појавија две статуи. И денес тешко наоѓам зборови за да го опишам тој момент. Беше неверојатно – раскажал тој.
Неговиот колега Елиран Орен го опишал наодот како настан што археолог може да го доживее само еднаш во животот.
– Ова е откритие какво што археолог може да доживее само еднаш. Беше целосно неочекувано, но некако најголемите откритија секогаш се случуваат токму на последниот ден од ископувањата – изјавил тој.
Статуите биле пронајдени во област која во римскиот и византискиот период претставувала своевидна индустриска зона со бројни земјоделски објекти.
Меѓутоа, во непосредна близина претходно биле откриени остатоци од римска бања, поради што истражувачите веруваат дека статуите можеби првично го краселе токму тој комплекс.
Постои и можност тие да биле донесени од древна Цезареја, оддалечена околу десет километри од местото на пронаоѓањето.
Исклучителна сочуваност на двата артефакти
Археолозите додаваат дека ваквите статуи биле симбол на образование, престиж и поврзаност со класичната култура на античкиот свет. Богатите Римјани често ги поставувале во јавни згради, вили и приватни бањи за да го нагласат својот општествен статус.
Додека натписот на едната статуа нуди одредени насоки, идентитетот на другата фигура засега останува целосно непознатa. Според првичните процени, таа прикажува маж со густа и неуредна брада.
– Можеби станува збор за филозоф или мислител, но сè уште сме на самиот почеток од истражувањата – рекол Орен.
Она што дополнително ги фасцинира стручњаците е исклучителната сочуваност на двата артефакти. Во текот на вековите голем број антички статуи биле уништени од верски причини или нивниот мермер бил искористен за изградба на нови објекти. Поради тоа, вака добро зачуваните примероци се вистинска реткост, не само во Израел туку и во целиот свет.
Истражувачите сметаат дека статуите веројатно биле во употреба стотици години пред да завршат под земја.
– Станува збор за вредни предмети што се пренесувале од генерација на генерација. На нивното дно има вдлабнатина што покажува дека некогаш биле прицврстени за постамент. На крајот некој ги закопал. Дали поради страв од инвазија, политички превирања или некоја друга причина, засега не знаеме – изјавил Орен.
Израелската управа за антиквитети соопштила дека статуите наскоро за првпат ќе бидат претставени пред јавноста на археолошка конференција во Тел Авив, по што ќе бидат пренесени во музеј, каде што ќе можат да ги видат посетители од целиот свет.
За научниците, сепак, допрва следува највозбудливиот дел. Анализите штотуку започнаа, а одговорот на прашањето дали една од статуите навистина го прикажува легендарниот Ликург би можел да открие нова и неочекувана врска меѓу античка Грција и римскиот свет на источниот брег на Медитеранот.


