Никој не треба самоволно да решава кои народи ќе бидат во Уставот

Рубин Земон / Утрински брифинг

Со селективно вметнување делови од народи во Преамбулата, без никакви стандарди и критериуми, ќе се навлезе во уште една криза и до подоцнежно болно менување на Преамбулата повторно ќе се навлезе во нови фрустрации и колективни гневови.

Деновиве сме сведоци на уште еден историски период за граѓаните на Македонија. Македонскиот народ (етничките Македонци) по не знам кој пат во историјата повторно е на браникот на идентитетот, повторно е атакуван идентитетски (овој пат од источниот сосед), па дури имавме и можност да видиме како пратеници во бугарскиот парламент покажуваат транспаренти – „Македонија била Бугарија“! Во кој ли век живеат тие пратеници во Бугарија? Или можеби ние сме пред времето или, пак, повторно се враќаат сеништата на 20 век на Балканот!

Македонија не може да биде Бугарија од многу едноставна причина. За разлика од Бугарија, таа е мултикултурно општество. Мултикултурализмот кај нас е длабоко вкоренет повеќе векови, за разлика од нашите источни соседи што со векови градат замисленост на некаква си нивна држава-нација! Мултикултурно општество е реалност за разлика од фикцијата за нација! Кога ние со Турците градевме заедничко општество, Бугарите им ги менуваа личните и фамилијарните имиња (ги бугаризираа), па дури и ги иселуваа во Турција. Имаше и кај нас во 60-тите години на минатиот век масовно иселување во Турција, но тоа повеќе беше доброволно, врз основа на договор помеѓу Југославија и Турција. Тогаш иселувањето во Турција беше можно само ако граѓаните на СФРЈ имаа лична карта од Македонија, затоа и голем број денешни Бошњаци, Црногорци (тие што се муслимани по религија) и Албанци, од другите републики на СФРЈ прво се населуваа во Македонија, за да можат потоа да се иселат во Турција. Некои што се населија во Македонија, не успеаја да се иселат за Турција, останаа кај нас. Денес Бошњаците ги има во Преамбулата на Уставот, каде што според мене и треба да бидат. Но, круцијално прашање е кој решава кој ќе биде во Преамбулата на Уставот?! Дали таа одлука се базира на некои стандарди и критериуми или тоа е само по слободна волја на поединци што во моментот се на власт?!

Една мала ретроспектива за оваа прашање. Во Манифестот на Крушевската Република, поделбата според милет-системот сè уште била во главите на востаниците, Власите и Македонците се сметаа за еден милет (православен) и повикот за востание против тираните е до муслиманите, со особено потенцирање на „Турците и Арнаутите“! Потоа, во Манифестот на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година се вели: „Браќа Арнаути, Турци, Власи“, а подоцна во некои документи од ЦК на КПМ ќе се појават и Евреите. Уставите од 1947 и 1974 година покрај македонскиот народ, како народности ги спомнува Албанците и Турците, а другите не се споменуваат и се класифицирани како „етнички групи“.

Во независна Република Македонија во Уставот, покрај македонскиот народ се воведе еден ендемичен термин „националности“, а како такви во Преамбулата беа спомнати „Албанците, Турците, Власите, Ромите и други“.

Со Амандманот IV од Уставот на 16 ноември 2001 година, покрај македонскиот народ, во Преамбулата се вметнува термин „делови од народ“ наместо националности, а во нормативниот дел на Уставот се вметнува термин „заедници“, што се користи и во секојдневната употреба. Како „делови од народ“ во Преамбулата стојат „албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“!

Една од најголемите заблуди со овој амандман на Уставот е што некои сметаат дека овие „делови на народи“ станале т.н. конститутивни народи во Република (сега Северна) Македонија! Оваа небулоза еднаш ја кажа и поранешниот премиер Заев при една посета во Белград во 2018 година и  по реакциите никогаш веќе не ја повтори, а слушам деновиве и во Бугарија се шири, па дури и од претседателот Румен Радев! Ако зад тоа не стои некоја друга цел, околу „конститутивноста на македонските Бугари“ во кажувањата на Радев, тоа е уште едно срамно непознавање на проблематиката од кабинетот на претседателот на Бугарија. Споменувањето во Преамбулата на Уставот не предизвикува никакви правни последици, затоа што Преамбулата не е норма. Тоа е декларација што го објаснува контекстот за донесување на Уставот. Но, практиката досега покажа дека во нашата држава Преамбулата генерира дискриминација кон тие заедници што не се споменати во неа! Како и да е, гледаме дека сега копјата се кршат околу тоа кога Бугарите да се внесат во Уставот на Република Северна Македонија, дали пред или откако ќе  почнат преговорите за членство во ЕУ.

Но, сега се јавува уште еден феномен и, ако не се внимава, ќе има големи фрустрации! Имено, премиерот спомнува дека покрај Бугарите во Уставот ќе се внесат и Хрватите и Црногорците! Тоа е за поздравување и така треба да биде. Но, зошто само тие и кои се условите другите не бидат – на пример Египќаните, Торбешите, Словенците, Украинците, Русите, Ерменците, Полјаците, Унгарците, Грците…!

Според последниот попис во 2021 година, во Македонија има 4.174 Торбеши, Бугари 3.504, Египќани 2.406, Хрвати 2.145, Муслимани 1.187, Црногорци 1.023. Другите се под 1.000 изјаснети граѓани. Според бројот на населението, нема логика во кажувањето на премиерот Ковачевски. Значи, треба да се бараат нови стандарди и критериуми!

Таков стандарди и критериуми се меѓународните документи и инструментите што Република Северна Македонија ги потпишала и ги ратификувала, а тука пред сè најповикана е Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства при Советот на Европа. Извештаите на Советодавниот комитет на оваа конвенција и резолуциите по неа на Советот на министри се на маса кога се отвора Поглавјето 24 од преговорите со ЕУ.  Советодавниот комитет на секои 5 години врши мониторинг во земјата и го следи спроведувањето на одредбите од Рамковната конвенција. Прашањето околу Преамбулата и спомнувањето се третира под членот 3 од Рамковната конвенција и досега Советодавниот комитет дал забелешки или споменувал во извештаите за следниве заедници што не се во Преамбулата: во 2004 година за Египќаните, во 2007 година за Египќаните, во 2011 година за Египќаните и Хрватите, во 2016-та за Египќаните, Хрватите и Торбешите. Се очекува деновиве да излезе најновиот извештај со препораки на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за национални малцинства при Советот на Европа.

За да ги избегне непријатностите околу оваа прашање, Хрватска во 2002 година со Уставен закон, што го прогласи тогашниот претседател Стипе Месиќ, повикувајќи се на традицијата на толеранција и разбирање, го има направено најдоброто решение, со тоа што ги вклучи сите малцинства што живеат на територијата на Хрватска. Така што Преамбулата на хрватскиот Устав гласи: „Република Хрватска се основа како национална држава на хрватскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства: Срби, Чеси, Словаци, Италијанци, Унгарци, Евреи, Германци, Австријци, Украинци, Русини, Бошњаци, Словенци, Црногорци, Македонци, Руси, Бугари, Полјаци, Роми, Романци, Турци, Власи, Албанци и други…“ (Овие „други“ во Хрватска се по неколку десетици луѓе). Со ова Хрватска избегна да биде земја што ќе врши дискриминација по која било основа особено не по етничка. Во Европа тоа се нарекува „расна дискриминација“, при што под раса не мисли само на бојата на кожата туку раса се смета како различност по која било основа. Исто така, со вакво „соломонско решение“ Хрватска ги избегна жешките прашања за српското, италијанското и унгарското малцинство и стана препознатлива како земја со најсовремен мултикултуралистички модел, ако се има предвид и пакетот закони усвоени во 2002 година.

Затоа, не треба да се брза и без стандарди и критериуми некој самоволно да одлучува кои заедници или делови од народи ќе бидат во Преамбулата на Уставот. Особено не треба да се остави како досега некои „технократи“ од Владата и од МНР да манипулираат со овие прашања, а уште помалку да носат автократски одлуки лица кои што по уверувања се етноцентристи и националисти. Треба да се најде начин и методологија да се почитуваат меѓународните конвенции што Македонија ги има потпишано и ратификувано. Со селективно вметнување делови од народи во Преамбулата, без никакви стандарди и критериуми, ќе се навлезе во уште една криза и до подоцнежно болно менување на Преамбулата повторно ќе се навлезе во нови фрустрации и колективни гневови.

Ние сме првата земја во Европа што усвоивме Национална стратегија и акционен план за интеркултурализам, втора во светот по Канада. Како земја ги поставивме темелите на интеркултурното разбирање и докажуваме дека можеме да бидеме модел за успешно и функционално општество еднакво за сите. Ја покажавме во практика и нашата политичка волја да ја зачуваме и да ја негуваме различноста и да живееме заедно, почитувајќи ги различните јазици, култури и религии. Затоа треба доследно да останеме да тој курс, а не да станеме земја што дискриминира по етничка основа!

 

(авторот е универзитетски професор, антрополог и мултикултуралист)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот