Ни баба Ванѓа да станеше од гроб не можеше да ја предвиди трагедијата, а не јас – Шабан Салиу тврди дека обвинението е политичко
Обвинет сум за кривично дело кое се темели на претпоставки, а не на докази, обвинение поднесено поради притисок на јавноста и заткулисни политички игри и монтажи без правна основа. Обвинет сум дека додека сум бил директор од 2012 до 2017 година, од кога поминале девет години до несреќата, дека сум бил свесен дека поради несторување може да настапи штетна последица и сме се согласиле со нејзино настапување. Бог да чува.
Препорачано
Обвинет дека со евентуална умисла, јас уште во 2012 година па се до 2017 година сум бил свесен и сум знаел дека ќе се случи настанот на 16 март. Ова не можела ни баба Ванѓа да станела од гроб да го предвиди, а камоли јас обичен човек.
Ова накратко беа поентите од воведниот говор на министерот без ресор Шабан Салиу кој е еден од обвинетите за кочанската трагедија како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
-Обвинението ме товари, иако девет години немам никаква фактичка, ниту правна врска со институцијата, обвинет сум дека сум сторил кривично дело со опис кој се темели на претпоставки, а не на докази, со обвинение поднесено поради притисокот на јавноста и заткулисни политички игри и монтажи без правна основа. Во текот на постапката ќе докажеме дека обвинението против мене е неосновано. Обвинението е изградено врз претпоставки, можел да знае, требало да знае, можеби имал обврска и слично – рече Салиу.
Тој тврди дека институцијата, ниту тој како директор не знаеле дека постои дискотеката „Пулс“, никогаш во институцијата не стигнало формално известување, ниту пак имало до нив доставено елаборат за противпожарна заштита до нив.
– ДЗС не е детективска служба да пронаоѓа нелегални дивоградби во помалите села и градови, можеби ги има во поголем број, некаде 100 илјади во нашата држава – рече Салиу.
Министерот им забележа на една од мајките на загинатите деца и на пратеникот од Левица, Димитар Апасиев кои на Анкетната комисија го обвиниле дека доаѓа со службено возила на судење, што тврди дека не е точно и тоа можело да се види од камерите.
За него е нелогично и тоа што поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат е ослободен од обвинение, а тој е обвинет.
Неговиот адвокат Димитар Дангов во воведните зборови го повика на одговорност и Обвинителството.
-Ако ја следиме логиката на обвинението, тогаш неминовно се појавува прашањето: Дали враќајќи се во минатото, кофата со вода за гаснење на пожарот не била и во рацете на Обвинителството во Кочани и на претставниците на поширокиот државен систем? – рече Дангов.
Одбраната тврди дека Обвинителството конструира „нов, правно невозможен институт“ заснован на „долготраен каузален тек“ од 14 години.
Адвокатот истакна дека Салиу не бил дел од процесот на лиценцирање, инспекциски надзори или урбанистички одлуки. -Таквите постапки не спаѓале во неговите надлежности, тој не можел конкретно да делува на пожарот во Кочани ниту на последиците. Правдата не се гради врз чувствата, емоцијата не е доказ – тврди одбраната.
Според Обвинителството, Салиу е обвинет дека во критичниот период не донел одлука за распоредување на инспектор за заштита и спасување во Општина Кочани, со што објектите во тој регион останале без надзор. Не презел мерки за планирање и организирање на заштита од пожари и експлозии и иако знаел дека во Кочани нема инспектор, дозволил годишните планови за надзор да бидат само „на хартија“, без реална контрола на терен .


