Независниот синдикат во МВР од Спасовски бара европски Колективен договор (ВИДЕО)

Потпишување на нов Колективен договор поради тоа што постоечкиот е потпишан уште од поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска побара денеска претседателот на Независниот синдикат на полицијата (НСП) Гоце Делчев Тодев.

Според него, актуелниот колективен договор дозволува манипулации во распоредувањето на полициските службеници, проблем со кој се соочуваат деновиве.

– Од денеска па натаму треба да ја продолжиме соработката која ја имаме со министерот Оливер Спасовски додека тој беше на чело на министерската позиција. Ценам дека најбрзо што може, уште утре, после денешното примопредавање на функциите, ќе биде разгледано нашето барање за прва официјална средба со министерот Спасовски.

Во неколку клучни црти ќе нагласиме за што во следните 100 дена ќе се залага овој синдикат. МВР на чело со министерот Оливер Спасовски да ги постави постулатите за работа на синдикатот. Во првите 100 дена е потребно решавање на Колективниот договор за што НСП во 2017 година поднесе предлог и од тој ние не се помрднуваме.

Имаме содржина која е по теркот на европските синдикални структури, како што е словенскиот и бугарскиот. Бараме европскиот Колективен договор во кој сите ќе бидат рамноправни и сите ќе имаат основа за почитување на законот за работни односи во самото МВР – рече претседателот Тодев.

Раководството на НСП на денешната прес конференција од новиот министер за полиција Оливер Спасовски побара во наредните 100 дена да донесе Акт со кој ќе се пензионираат околу 700 вработени во МВР кои веќе, според нив, со години го продолжуваат својот работен стаж и одбиваат да се пензионираат.

– Овие лица ги држат највисоките функции во министерството, ги попречуваат реформите и преставуваат вистински товар за институцијата. Бараме во следните 100 дена нова европска систематизација во која конечно ќе се знае за која работна позиција каков вид на образование е потребно, воедно и да се оформи Комисија која ќе ја разгледа законитоста на големиот број на решенија поделени на полициските службеници во ЕБР и ЕС со кои се исфрлаат од единиците – рече Тодев.

 

Синдикатот на полицијата во Македонија (СПМ) пред неколку дена најостро реагираше за издадените незаконски решенија од сега веќе поранешниот министер за внатрешни работи Агим Нухуи, според кои, спротивно на сите правила, процедури, спротивно на законот и колективниот договор во МВР, полициски службеници добиле решенија без никаков правен основ за прераспределба на работни задачи надвор од нивните места на живеење.

„Да стане јасно на јавноста распоредување „По предлог на Началник на СВР“ не постои и мора таа пракса незаконска повеќе да не се применува. Но, апсурдот да е уште поголем, деновиве тоа што се случува во Одделот за специјални полициски операции е работа која никако не смее да биде премолчана. Повторно „по предлог“ на раководител, а со „согласност на директорот на Бирото за јавна безбедност“ деновиве се доделени повеќе од 20-тина решенија од Единицата за специјални задачи – ЕСЗ каде долгогодишни специјалци и инструктори со поминати највисоки видови на обука по светски стандарди, без никаков повод и причина, се распоредени и ставени во куќарки да чуваат објекти. Специјалци со повеќе од 20 години работно искуство и инструктори на кои државата потрошила огромни суми на пари за да поминат безброј обуки и сето тоа се фрла во вода. Од кои причини ги распоредувате“, прашаа тогаш од СПМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот