„Нетфликс“ ја откупи животната приказна на Ана Сорокин: Лажната наследничка што ја измами елитата – „Да, криминалот се исплатува“

Фото: Профимедиа

Измамничката не успеа да ги задржи сите пари што ги доби од „Нетфликс“ поради законот што спречува криминалците да профитираат од своите злодела

Ана Сорокин, измамничка позната како „лажната наследничка“, се обидува да го искористи својот случај најдобро што може откако излезе од затвор. На прашањето дали такво злосторство се исплатува, Сорокин за Би-би-си рекла: „На некој начин, да“.

„Нетфликс“ плати 320.000 долари за нејзината приказна, а понудени ѝ се и други работни места.

Фото: Профимедиа

Која е Ана Сорокин?

Ана Сорокин беше осудена на затворска казна откако измами банки, хотелиери и пријатели за стотици илјади долари. Приказната за нејзините измами, кои ги изведе под името Ана Делви, стана вирална по објавувањето во „Њујорк магазин“ во 2018 година, а тоа го заинтригира и ТВ-продуцентите.

Фото: Профимедиа

– Никогаш не го прашав „Нетфликс“ дали сакаат да ја откупат мојата приказна, тоа едноставно се случи. Како и сè друго, тоа само излезе од контрола, ништо од тоа не диригирав – вели Сорокин, која во февруари беше пуштена на условна по повеќе од три години затвор.

Сепак, таа не успеа да ги задржи сите пари што ги доби од „Нетфликс“ поради њујоршкиот закон што спречува криминалците да профитираат од своите злодела. Властите ја замрзнале нејзината банкарска сметка и прво им дозволиле на жртвите на нејзината измама да си наплатат. За отплата на банките се искористени 170.000 долари.

30-тиот роденден го дочека во затвор

Годинашната добитничка на Еми наградата за најдобра актерка, Џулија Гарнер во улогата на Ана Сорокин. Нетфликс-драмата се снима во формат на лимитирана серија, а својата премиера ќе ја има ова лето / ФОТО – Credit line: Steve Sands / SplashNews.com / Splash / Profimedia

Сорокин својот 30-ти роденден го дочека в затвор. Измамите ги спроведувала така што ги убедувала луѓето дека има фонд од 60 милиони долари и амбициозен проект за создавање уметничка фондација. Но, всушност, била приправничка во едно списание, а по потекло од семејство на руски имигранти, кои живееле во Германија. Престојувала во скапи хотели и објавувала на Инстаграм за нејзиниот „џетсет живот“. Така, успеала другите да ги наведе да веруваат во нејзината фантазија. Користејќи лажни документи, дури и банката ја убедила да ѝ даде пречекорување од 100.000 долари, пред полицијата да успее да ѝ влезе во трага.

Фото: Профимедиа

Сега тврди дека обвинителството одиграло голема улога во создавањето на нејзината медиумска личност за време на судењето.

– Погрешно ги прикажаа моите мотиви. Рекоа дека парадирам по Њујорк, претставувајќи се како богата наследничка. Но, она што навистина се случи беше помеѓу мене и финансиските институции.  Не сум љубезна личност, не се обидував да убедам некого да направи нешто. Само им реков на луѓето што сакам и тие ми го дадоа тоа – рекла Сорокин. Иако често уживала во скапи оброци, шампањ и луксузни одмори, била концентрирана на создавање уметничка фондација и по пат на измама барала заем од 22 милиони долари.

Фото: Профимедиа

Медиумите се „тепаат“ за Сорокин

По излегувањето од затвор, ја преплавија и медиумите, а Сорокин дури ангажирала и режисер што ќе ја преземе нејзината приказна. На социјалните мрежи не бега од својата репутација. Таа неделава на Твитер објави фотографија од еден куп книги на тема финансиски измами. Иако порано изјавуваше дека жали за своите злодела, сега вели дека жалењето не е вистинскиот збор, бидејќи подразбира тага, а таа не тагува за тоа што го направила.

Фото: Профимедиа

„Пишувам книга, имам проекти, и мојот merch (сопствени производи со заштитен знак) и работам на реформи во затворите. Се обидувам да го насочам вниманието и да се впуштам во позитивни работи“, истакна Сорокин за Би-Би-Си.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот