Непријатна драма на репертоарот на Опера и балет – диригент избркал обоистка од проба, директорот ја казнил, таа ќе тужи
Дисциплинска комисија во Националната опера и балет (НОБ) ќе ги утврдува околностите и ќе донесе одлука за случајот со првата обоистка во оркестарот, Татијана Петрушевска, која обвинува дека неправедно била суспендирана од работното место од страна на директорот на НОБ, Оливер Арсовски. Официјалното образложение е дека Петрушевска го нарушила работниот процес додека оркестарот имал проба за со диригентот Едуард Амбарцумјан.
Препорачано
Обоистката вели дека нејзиното суспендирање е незаконско и тенденциозно, дека ја има поддршката на Синдикатот за култура (СКРМ) и оти ќе ја застапува адвокат. Смета дека одлуката да ѝ се забрани влез во институцијата, во која работи 30 години, и казнувањето со 50 отсто помала плата во наредните шест месеци е самоволие на директорот Арсовски од кого, како што изјави, таа и други вработени една година трпат тортура и мобинг и дека во МОБ има „девастирани меѓучовечки односи и нездрава атмосфера“.
„Во образложението пишува дека има изјава од колега, на ист ранг со мене, и од диригентот, дека јас со своето арогантно однесување создавам нездрава атмосфера за работа. Ако жолчно дебатираме за некоја тема за време на создавање на едно уметничко дело, дали тоа значи ароганција? Дали јас како уметник немам право да гестикулирам и да си го кажам своето мислење во еден одреден момент и да седнам и да продолжам да свирам? Ете тоа беше образложението. Врз основа на изјава на двајца луѓе јас добивам суспензија за којашто сметам дека апсолутно не е законски издржана. А тоа ќе си го каже и адвокатот. Тоа е повреда на постапката, директорот сам не може да одлучи за такво нешто. Овие негови одлуки се надвор од сите ингеренции на директорот и уште еднаш го докажа неговиот насилнички однос и потребата од покажување надмоќ, изјави Петрушевска.
По нејзините обвинувања, се огласи и директорот Арсовски со своја верзија на настаните и си контраобвинување за мобинг. Тој рече дека токму Петрушевска им врши мобинг на другите членови во оркестарот и дека тоа трае повеќе години. Тој обвини дека од нејзиното однесување не се жалел само диригентот Амбарцумјан, со кого НОБ соработува 20 години, туку имало поплаки и од други диригенти и од нејзини колеги-музичари. Според Арсовски, Петрушевска е суспендирана привремено, додека завршат пробите за балетската претстава „Мадам Бовари“, која е вечер на сцената на НОБ. На нејзино место ќе свири друг обоист.
– Нема никаква казна до овој момент, чекаме на дисциплинската комисија што ќе одреди, таа ќе се состане во понеделник. Како ќе одлучат, јас тоа ќе го потпишам, не прејудицирам што ќе одлучат. Тогаш ќе престане и суспензијата и, доколку некој мисли дека е незаконски, потоа ќе биде работа на судот. А, јас за некои наводи што таа ги има кажано за мене ќе реагирам преку судот. Улогата на управата не е да зазема страни, туку да обезбеди ред, дисциплина и зачувување на уметничките стандарди. Како директор на оваа институција нема да дозволам нарушување на работните процеси и непочитување на редот, дисциплината, хиерархијата во оркестарот каде што диригентот е водечки авторитет. Нема да дозволам личната нетрпеливост на поединци да се манифестира со отсуство на респект кон колегите и соработниците од странство, со кои долги години заеднички работиме на квалитетни продукции за нашата публика, рече Арсовски на прес-конференцијата.


