Необјавени песни на „Битлси“ ќе бидат дел од новата колекција „Антологија 4“

„Битлси“ повторно ја возбудуваат светската јавност – наскоро ќе излезе новата колекција „Free As A Bird: Антологија 4“, ремиксирана и проширена во аудио и видео издание. Веста ја потврдија официјалните канали на групата, како и сер Пол Макартни, кои деновиве на Инстаграм објавија низа фотографии со броеви од еден до четири, пишува „Скај њуз“.

„Антологија 4“ ќе вклучи 13 демо-снимки, студиски сесии и други ретки песни кои никогаш претходно не биле објавени. Содржината е во духот на претходните три антологии, издадени во периодот од 1995 до 1996 година. Деталната листа на песни допрва ќе биде објавена, но нема најава дека ќе се најдат целосно непознати композиции.

Покрај музиката, книгата и документарната серија „Антологија на Битлси“ ќе бидат ремастеризирани и објавени на Дизни плус, под наслов „Приказната за Битлси, раскажана со нивни зборови“. Серијата ќе добие и нова, деветта епизода со досега невидени материјали зад кулисите од Макартни, Џорџ Харисон и Ринго Стар, снимени за време на подготовките на антологиите.

Фото: Инстаграм/„Битлси“

Џајлс Мартин, синот на легендарниот продуцент на „Битлси“, Џорџ Мартин, направи нови ремастерирани верзии на албумите „Антологија 1, 2 и 3“. Сите четири изданија ќе бидат собрани во нов бокс-сет што ќе излезе во ноември, со вкупно 191 песна.

Во сетот ќе има и нови миксови на песните „Free As A Bird“ и „Real Love“, оригинално дел од првата и втората антологија, со вокали на покојниот Џон Ленон. За продукцијата повторно е задолжен Џеф Лин.

Овој проект доаѓа по успехот од 2023 година, кога „Битлси“ ја објавија „последната песна“ „Now And Then“, создадена со помош на вештачка интелигенција која ги издвои вокалите на Ленон од стара демо-снимка.

Бокс-сетот ќе содржи и оригинални белешки за првите три антологии, како и нов сет белешки за „Антологија 4“ од авторот Кевин Хаулет, плус вовед составен од интервјуа со блискиот пријател и советник на групата, Дерек Тејлор, снимени во 1996 година.

„Битлси“ остануваат најпродаваниот музички бенд на сите времиња, со 18 синглови број еден и 15 албуми број еден во Велика Британија од нивното основање во 1960 година.

Покрај ова издание, во подготовка се и четири биографски филма, посветени на секој член поединечно, кои ќе ја раскажат нивната страна на приказната за бендот што засекогаш ја промени светската музика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот