Ненад Вржалски - Фото: Инстаграм/Ненад Вржалски

ВИДЕО | Ненад Вржалски со емотивна исповед за новата песна „Душо моја“: „Се надевам дека ќе залечи нечии рани“

По долгогодишно творење во сенка и бројни соработки со хип-хоп сцената, Ненад Вржалски конечно го претстави својот прв самостоен проект, песната „Душо моја“. Сепак, неговото излегување во етерот не беше само музичка одлука, туку приказна за голема солидарност и човечност.

Патот на неговата авторска музика започна сосема поинаку. Минатиот февруари, Ненад сними спот на автопат и во кочанските оризови полиња, користејќи ги автентичните пламени на запалените стрништа како визуелна метафора. Но, само една недела пред планираната објава во март, се случи големата трагедија во Кочани.

Како човек кој беше директно инволвиран во помошта на засегнатите граѓани и креирањето дигитални платформи за поддршка како „Сапорт Кочани“, Ненад донесe одлука која ретко кој артист би ја направил – целосно го стопираше објавувањето на песната.

„Во тие моменти не ми доаѓаше да објавам песна. Самиот спот имаше кадри со пламен и не сакав да споделам нешто што би отворило рани кај луѓето. Одлучив да почекам барем една година од трагедијата“, објаснува Вржалски.

Од театарските штици до срцата на публиката

За време на тој период на тишина, по покана на Тамара Тодевска да настапи на хуманитарен концерт, Ненад ја претстави „Душо моја“. Иако оваа песна има свои корени во театарска претстава од пред 15 години, Ненад ја преработи, ја освежи и одлучи токму таа да биде неговиот прв официјален сингл.

Песната е создадена во соработка со истакнатиот Марјан Нечак, кој го напиша првичниот текст, а Ненад го преуреди  и го направи аранжманот според сопствената визија.

„Душо моја“ е длабока балада за човечката загуба и за фактот дека сите грешиме, но сите знаеме да љубиме. Како што вели самиот рефрен: „Ако грешам, еве ликов ми е доказ, тогаш песнава лаже, никогош не љубев никој“.

„Секој од нас некогаш љубел, секому некој му недостига. Се надевам дека оваа песна ќе залечи нечии рани и ќе направи да веруваме дека нештата сепак завршуваат убаво“, вели Ненад, кој важи за голем поборник за негување на македонската музика.

По оваа емотивна најава, јавноста со нетрпение ја очекува и неговата следна авторска песна со веќе подготвениот спот, која конечно, по една година чекање, ќе го дочека своето вистинско време.

Ненад Вржалски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот