Нема веќе пречки за изградба на висококатницата во Карпош, судот пресуди дека Конзерваторски центар „згрешил“

карпош зграда/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Протестите, реакциите, жалбите и поплаките на граѓанските организации не дадоа никаков резултат, а сега и Управниот суд пресуди во корист на Општина Карпош и инвеститорите „ЗСФ Ком“ ДООЕЛ и „Делта 2015 Констракшн“ со образложение дека Конзерваторски центар не можел да донесе две конзерваторски мислења за ист предмет.

Изградбата на 17-катницата, што речиси цела година се гради на просторот позади поликлиниката „Букурешт“ и која исто толку време предизвикува реакции во јавноста, може непречено да продолжи. Протестите, реакциите, жалбите и поплаките на граѓанските организации не дадоа никаков резултат, а сега и и Управниот суд пресуди во корист на Општина Карпош и инвеститорите „ЗСФ Ком“ ДООЕЛ и „Делта 2015 Констракшн“.

Како што информираа од Карпош, Управниот суд на РСМ донел пресуда која се однесува на утврдување на законитоста при издавање на градежна дозвола и законитоста на позитивното конзерваторско мислење бр. 08-688/3 од 08.11.2023 година и со која се поништува решението на претходното конзерваторско мислење. Пресудата е доставена до Секторот за урбанизам на Општина Карпош, кон чии вработени, како што тврдат од Карпош, со месеци биле упатувани „непринципиелни притисоци“.

Управниот суд на РСМ донесе одлука со која, поништувањето на решението на позитивното конзерваторско мислење од страна на НУ Конзерваторски центар – Скопје е неправилно и незаконито, од причини што во правниот промет не можат да постојат два правни акта, т.е. две конзерваторски мислења донесени по исто барање, но со сосема различна содржина и притоа да произведуваат различни правни дејства. Затоа второто, (негативното конзерваторско мислење) по службена должност мора да биде повлечено од правниот промет од страна на НУ Конзерваторски центар – Скопје, од причини што ваквото постапување на органите сериозно ја доведува во прашање правната сигурност на сите правни и физички лица во РСМ – информираат од Општината.

Против оваа одлука на Управниот суд, незадоволната странка во постапката нема право на жалба.

Практично, со оваа одлука на Управниот суд на РСМ се потврдува дека Секторот за урбанизам на Општина Карпош постапил законито при издавањето на дозволата за градба на горенаведената зграда – велат од Карпош.

Конзерваторски центар во февруари минатата година го поништи претходното позитивно конзерваторско мислење издадено за изградба на висококатницата во заштитениот простор во близина на Воена болница, врз основа на кое Општина Карпош издаде дозвола за градба. Одобрение за градба предизвика реакции и протести од карпошани и граѓански организации, кои тврдеа дека ова мислење е нелегално.

Конзерваторското мислење е поништено на 21.2.2024 година бидејќи не е во согласност со Правилникот за формата и содржината на образецот на конзерваторското мислење и за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на конзерваторското мислење („Службен весник на РМ“ бр. 109/16) – одговорија од Конзерваторски центар.

Со поништувањљето на конзерваторското мислење се засилија протестите и реакциите во јавноста, со барање да се поништи и дозволата за градба. На барање на инвеститорите, Конзерваторски центар кон крајот на мај издаде ново мислење овој пат – негативно.

Конзерваторското мислење за 17 – катницата во Карпош ќе се поништи, но неизвесно е дали ќе се „поништи“ и дозволата за градба

Како што беше наведено во мислењето издадено за објектот во изградба во контактната зона на Споменикот – Воена болница и во Споменикот – Воена болница, при изработка на урбанистичкиот проект од страна на Општина Карпош и инвеститорите не било почитувано известувањето од 12.7.2022 година од Конзерваторски центар, дека во Урбанистичкиот проект треба да бидат вградени границите на Споменикот – Воена болница и неговата контактна зона, режимот за заштита и посебните заштитно-конзерваторски услови, во согласност со одобрените основи од 2013 година и дека Урбанистичкиот проект треба да биде доставен за стручно мислење до НУ Конзерваторски центар и потоа до Управата за заштита на културното наследство, пред да биде одобрен.

Донесениот урбанистички проект има опфат што влегува во две различни зони на заштита, а на градбата не биле преземени мерки за заштита утврдени со Заштитно-културните основи за културно наследство. Северниот дел на градежната парцела се наоѓа во границите на Споменикот -Воена болница и за него важи заштита од втор степен, што значи дека е потребно мислење од Управата за заштита на културно наследство, како еден од условите за издавање одобрение за градење.

За јужниот дел на градежната парцела се применува трет степен на заштита, каде за интервенции во контактната зона е потребно мислење од Конзерваторски центар како услов за добивање одобрение за градба.

Конзерваторите утврдиле дека урбанистичкиот проект содржи погрешно утврдена фактичка состојба дека целата градба се наоѓа во контакт зона на Споменикот и дека во текстуалниот дел се наведени само мерките за заштита за контактната зона на споменикот и не се воопшто применети во основниот проект, бидејќи габаритот и катноста ги нарушуваат визурите на споменикот.

По одлуката на Управниот суд, зградата чија изградба продолжи непречено и во изминатиот период, сега веќе нема никакви пречки за да се извиши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот