Нема решение за опасната крстосница кај школото „Љубен Лапе“, институциите си ја префрлаат одговорноста

Поради институционалниот ќорсокак на локалната самоуправа, Град Скопје и Секторот за внатрешни работи (СВР), крстосницата на булеварот „Васко Карангелевски“ и улицата „Коста Новаковиќ“ во општина Аеродром е без вертикална сообраќајна сигнализација и претставува опасност за сите учесници во сообраќајот, особено загрозувајќи ја безбедноста на 1.400 ученици од ООУ „Љубен Лапе“ кои секојдневно ја поминуваат.

Од Општина Аеродром велат дека булеварот „Васко Карангелевски“ е примарна сообраќајна мрежа и надлежноста за регулирање на сообраќајот е комплетно во рамки на Град Скопје.

– Во зависност од видот на сообраќајницата, надлежностите се поделени помеѓу општините во градот Скопје и Град Скопје. За конкретната ситуација, од причина што станува збор за булеварот „Васко Карангелевски“ кој е примарна сообраќајна мрежа, надлежноста за регулирање на сообраќајот е комплетно во рамки на Град Скопје, вели градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.

За да бидат поставени семафори на крстосницата, вели Митески, потребно е Град Скопје најпрво да изготви сообраќаен проект во кој ќе предвиди вертикална сообраќајна сигнализација, а потоа да го достави до Министерството за внатрешни работи. Според Митески, од Град Скопје до Секторот за внатрешни работи биле доставени само две барања, односно за бројот на возила кои што поминуваат и сообраќајните незгоди кои што се имаат случено на крстосницата.

– Во постојана комуникација сум со СВР Скопје. Согласно информациите кои што ги добив од таму, од Град Скопје се доставени две барања – едно е за бројот на возила што проаѓаат на конкретната крстосница и второто барање е во однос на сообраќајните незгоди кои што се случиле на конкретната крстосница. Двете барања се одговорени во најкраток рок и се доставени до Град Скопје, вели Митески.

Тој додава дека доколку има потреба, ќе посредува меѓу Град Скопје и СВР Скопје со цел да се изнајде решение за конкретниот проблем поради што родители на учениците од училиштето „Љубен Лапе“ протестираа.

– Согласно информациите од СВР Скопје, од Град Скопје за одобрување на сообраќаен проект не е доставено до СВР Скопје. Доколку Град Скопје достави барање, јас стојам на располагање да посредувам помеѓу Град Скопје и СВР, со цел побрзо изнаоѓање на решение на конкретниот проблем. Град Скопје е затворен за нас како општини. За жал, морам да кажам дека и за ваква важна неполитичка тема, ние немаме комуникација со Град Скопје, нагласува Митески.

Доколку нема брза реакција од страна на Град Скопје, градоначалникот не ја исклучува можноста за повторување на протестите на родителите на учениците од ООУ „Љубен Лапе“.

– Ќе се обидеме да направиме институционален притисок, меѓутоа и граѓански притисок. Јас сум во постојана комуникација со Советот на родители и со раководството на Основото училиште „Љупен Лапе“ и доколку нема брза реакција од страна на Град Скопје, можно е да се повторат протестите со повторни блокади, за што морам да кажам дека родителите ќе добијат целосна поддршка од мене, имајќи предвид дека станува збор за безбедност на дечиња. Дневно крстосницата ја проаѓаат 1.400 деца, односно толку деца учат во ОУ „Љубен Лапе“ и мислам дека институциите треба малку посериозно да пристапат кон овој проблем, вели Митески.

На официјалната веб страница на Град Скопје стои дека под Секторот за сообраќај има Одделение за техничко регулирање на сообраќајот кое под своја надлежност има „подготвување решенија, мислења и согласности за сообраќајни планови, елаборати и проекти“. Во неколку наврати, МИА се обиде да оствари контакт со надлежните на Град Скопје, но не доби одговор.

За процесот на донесување на сообраќајни решенија коишто се под локална самоуправа, професорката од Техничкиот факултет од Битола, Верица Данчевска појаснува дека проектантот кој го проектирал сообраќајното решение треба да го достави до Секторот за сообраќај при локалната самоуправа од каде треба да добие решение, за потоа локалната самоуправа да го препрати до МВР, од каде пак треба да добијат согласност за проектот.

Доколку МВР не даде согласност за проектот, вели Данчевска, тој се враќа до локалната самоуправа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот