Нема промени во анкетните листови кај министрите во заминување

Според анкетните листови кои екс-министрите ги имаа доставено во 2017 година до Државна комисија за спречување корупција, може да се забележи дека нема промени во нивната имотна состојба.

Како што и претходно беше познато, меѓу најбогатите министри во заминување беа Хазби Лика и Зоран Шапуриќ.

Подоле во текстот можете да ги погледнете сите анкетни листови кои може да се проверат и на страната на Државна комисија за спречување корупција

Министерот за култура Асаф Адеми, кој дојде на местото на Роберт Алаѓозовски во поднесениот анкетен лист на негово име има само депозит во банка од 200.000 денари, додека другиот имот е на неговите родители и на брачниот другар.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, како личен имот пријавил стан во Скопје од 67 метри квадратни во вредност од 67.300 евра и автомобил „тојота рав 4“ од 2016 година во вредност од 28.000 евра, додека како имот на сопругата пријавил депозит од 20.000 евра.

Садула Дураки, министерот за животна средина и просторно планирање, има 21 илјада долари на девизна штедна книшка и возило „ауди А4“. Неговите родители имаат замјоделско земјиште, исто како и неговата сопруга, имот кој е стекнат со наследство. Дураки и сопругата имаат два автомобилa вредни околу 8 илјади евра.

Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа, на свое име има само „голф“ од 1995 година и „пасат“ од 2006 година во вредност од 8.000 евра. Неговите родители имаат куќа во Скопје и земјиште на кое не му ја пријавил вредноста.

Заменик претседателот на Владата задолжен за спроведување на рамковниот договор, Хазби Лика, ги пријавил својот имот, имотот на родителите, на братот и на сопругата. На свое име тој единствено има автомобил „форд фиеста“ и кредит од 54 илјади евра. Неговиот брат има фирма, „Лика компани“, а неговата сопруга има дуќан во Приштина. Недвижниот имот на Лика и неговото семејство се состои од куќа, двор и деловен простор во Тетово и земјоделско земјиште во Дебар. Тој во анкетниот лист ја пријавил платата на сопругата од 500 евра и платата на неговиот брат од 300 евра.

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, како личен имот пријавил возило „рено клио“ од 2017 во вредност од 14.000 евра и кредит од речиси 10.000 евра кој го подигнал годинава, а ќе го враќа во наредниве 36 месеци. Тој ги пријавил и пасиштето и земјоделското земјиште во сопственост на неговите родители, како и нивната куќа во Крива Паланка и автомобилот „фиат стило“ на неговиот брат.

Зоран Шапуриќ, има три стана во вкупна вредност од 95 илјади евра, моторни возила „хјундаи“ и „сеат ибица“ во вредност од 3,4 илјади евра, а има и акции во вредност од над 37 илјади евра. Шапуриќ пријавил месечна плата од илјада евра и плата на брачен другар од околу 500 евра. Тој зема 150 евра од месечна закупнина и има годишна дивиденда и камата од над 5 илјади евра. На трансакциска сметка Шапуриќ пријавил вкупно 7,8 илјади евра, на девизна книшка и платежна картичка има 4 илјади евра, а како орочен девизен депозит во повеќе банки има 156.734 евра, 33.500 американски долари и 10 илјади швајцарски франци. Шапуриќ во сеф има и 10 илјади швајцарски франци и 14 илјади долари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот