Нема притвор ниту кривична за насилната бебиситерка од Аеродром

Педесет и деветгодишната П.Ж. од Скопје е дадилката која вчера околу 16 часот физички, во игротека која била составен дел од угостителски објект, малтретирала двегодишно дете, извести денеска Министерството за внатрешни работи.

Насилната дадилка, која со своето однесување ја згрози јавноста и предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, ја чека одлуката на јавен обвинител кој ќе треба да одлучи за кое кривично дело ќе ја гони.

Од Кривичниот суд за „Слободен печат“ велат дека не се вистините написите на одредени медиуми дека на насилната дадилка и е одреден притвор од судија на претходна постапка. Засега се знае дека вчера во 15.57 часот во Скопје, полициски службеници од полициската станица Аеродром ја уапсиле П.Ж. (59) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од М.А., сопственик на угостителски објект во Скопје. Тој пријавил дека во игротеката во угостителскиот објект, пријавената физички нападнала малолетно дете. По преземени мерки било утврдено дека таа била ангажирана да работи како дадилка кај Д.Д.(43) од Скопје и физички го нападнала нејзиниот двегодишен син.

Родителите ризикуваат барајќи дадилки на Фејсбук

Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ги советуваат родителите кои сакаат да ангажираат лице за да им ги чува децата, да бараат лице кое има соодветна лиценца.

– Државната лиценца се издава на лице кое има диплома или уверение за завршено соодветно образование, доказ за државјанство на Република Македонија, лекарско уверение за здравствена состојба, потврда дека не му е одземено вршењето на родителското право, потврда дека не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност, потврда дека не му е изречена казна со правосилна судска пресуда со која е осудено за кривично дело за семејно насилство, одземање на малолетно лице, негрижа или злоставување на малолетно лице или родосквернавење, за кривично дело од групата на дела против половата слобода, без оглед на изречената санкција и кај кое, во согласност со закон, е утврдено дискриминаторско однесување – велат од МТСП.

Голем број на родители преку оглас или преку посредници бараат лице кое ќе им ги чува децата, вели Даниела Цветановска, сопственик на „Бејбис кер“.

– Во последно време такви огласи има и на социјалните мрежи. Низа родители на таков начин ризикуваат. Последниот случај е токму потсетник дека треба многу да се внимава на кого му се доверува да чува дете или деца. Јавноста се сеќава дека неодамна татко од Скопје преку сокриена безбедносна камера откри дека дадилката им го злоставува деветмесечното дете. Ние како агенција соработуваме само со лица кои имаат соодветна лиценца издадена од Труд и социјална политика. Потоа таа личност „поминува“ низ наша проверка пред биде препорачана на некое семејство. Им советувам на сите родители кои имаат потреба да ангажираат дадилка, бебиситерка или народски речено жена да им ги чува децата, да остварат неколку средби со личноста пред да ја ангажираат, да се осигураат дека таа е подобна за нивните деца, без разлика дали личноста доаѓа со препорака од нивен познаник или близок или не – нагласува Цветановска.

Цената на услугата на негувателки е различна. Зависи дали таа доаѓа преку агенција или по договор во четири очи. Нивната месечната плата се движи од девет до 15.000 денари, додека за дневната грижа во приватните градинки сумата се движи од шест до 22.000 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот