Изгорената дискотека „Пулс“ во Кочани / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Нема причина за нови обдукции или ексхумација на жртвите од Кочани, причината за смртта е неспорно утврдена, вели ЈО

Нема причина за нови обдукции или ексхумација на жртвите од трагедијата во Кочани, причината за смртта на секој од починатите и неспорно утврдена и за најголем дел од нив таа е резултат на задушување од отровни гасови, велат од Јавното обвинителство откако родителите изразија сомнеж за обдукциските наоди и побараа дополнителни анализи за тоа дали нивните деца починале од цијанид.

– Причината за смртта на секој од починатите е неспорно утврдена и за најголемиот дел од нив таа е резултат на задушување од отровни гасови. Во обдукциските наоди е наведено дека станува збор за комбинација од јаглерод моноксид и други отровни гасови. Поради сомненија за исклучителната токсичност на гасовите кои настанале по пожарот во „Пулс“, јавните обвинители од првиот момент во сите издадени наредби инсистираа и бараа експертите да се произнесат во однос на составот на вдишаните материи кои беа последица на пожарот. Ваквите детални испитувања беа неопходни од три приоритетни причини: утврдување на причината за смртта на починатите, како битна околност за лекување на преживеаните, но и за утврдување на каузалната врска меѓу дејствијата и последицата која токму со овие вештачења се потврди. Вештачењата на Институтот за хемија и анализата на МВР-ОФИ врз примероци од сите материјали вградени во клубот и начинот на нивно согорување ја потврдија веројатноста за испуштање на цијанидни гасови како последица на пожарот.

Дополнително, обвинителството бараше од Институтот за судска медицина да се произнесе и околу фактот дали со дополнителна кислородна или друга терапија би биле спасени дел од жртвите. Притоа е добиен дециден одговор дека „употребата на таква терапија немало да влијае врз спасување на нивните животи, бидејќи кај нив вдишувањето на јаглероден моноксид не е единствениот фактор кој влијаел во настапување на смртниот исход“. „Во конкретниот случај кај починатите се констатирани, покрај присуство на карбоксихемоглобин, цијаниди и термички оштетувања на лигавицата од дишните патишта“, стои во дополнителното произнесување од Институтот за судска медицина, кој е дел од доказниот материјал. Исто така, на самото судење вешто лице од Институтот во детали ќе се произнесе за сите овие околности – велат од Обвинителството.

Утрово пред судското рочиште родителите побараа институциите да ја утврдат точната причина за смртта на нивните деца и тврдат дека во обдукцискиот наод тие починале од труење од јаглерод моноксид.

-Цијанид можен, анализи нема. Сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација отвора прашање за вистинската причина за смртта на нашите најмили. Иако во одговорот во основното јавно обвинителство се наведува дека вештачењата на Институтот за хемија и анализите на МВР и Одделот за форензички испитувања ја потврдиле веројатноста за испуштање на цијанидни гасови во последица на согорување на материјалите во клубот, клучното прашање кое останува неодговорено. Дали при обдукциите направена конкретна токсиколошка анализа за цијанид и други отровни гасови во телата на нашите починати деца. Во обдукциските наоди како причина за смрт е наведено задушување од јаглерод моноксид меѓутоа во самиот обдукциски наод јасно се наведува дека од телата се земени и крв и урина за одредување на јаглерод моноксид како и за токсиколошката анализа при што изрично стои дека останатите токсиколошки анализи ќе бидат дополнително доставени на семејствата, ниту се содржани во конечните обдукциски наоди. Ова отвора сериозен сомнеж дека заклучокот за причината на смртта е донесен без комплетна и насочена токсиколошка анализа особено ако се има предвид дека водородниот цијанид не се детектира рутински и бара посебно специфично испитување – изјави пред денешното судење за кочанската трагедија, таткото на едно од загинатите деца, Александар Наунов.

 

https://www.slobodenpecat.mk/cijanid-mozhen-analizi-nema-roditelite-od-kochani-baraat-crno-na-belo-dali-nivnite-deca-pochinale-od-otrovniot-gas/

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот