Нема никакво ,,исчезнато бебе” на Клинички Центар во Скопје, жената лажела дека била бремена и е лишена од слобода

Фото: МИА

Минатата вечер јавноста во земјава беше вознемирена од лажна пријава која ја пренесоа и дел од медиумите, дека наводно ,,петмесечно бебе исчезнало од Клинички центар” а родителите случајот го пријавиле во полиција. На социјалните мрежи се шпекулираше дека бебето било украдено, што предизвика вознемирување кај граѓаните и паника. Но, станува збор за лажна пријава, бебето не постои туку е измислица на жената пријавителка која што и донесе проблеми со законот. Како што за ,,Слободен печат” изјавија од Клиниката за гинекологија и акушерство, оваа жена последен пат кај нив се породила во 2019 година и нејзиното дете има 4 години. Оттогаш на ГАК таа не стапнала. Според лажната пријава што жената ја дала во МВР, ,,таа родила бебе на ГАК пред неколку месеци, кое потоа било пренесено на Детска клиника и исчезнало”.

Скандалозната лага придонесе вчера во двете клиники пациентите да бидат исклучително вознемирени, особено мајките на новородени бебиња на ГАК. Ваква лажна пријава е куриозитет и не се случила досега во историјата на ГАК.

,,Слободен печат”се обрати во МВР од каде ни кажаа дека пријавата за наводно исчезнато дете во Клинички центар е лажна.

Пријавителката е лишена од слобода. МВР ја известува јавноста дека во координација со Основното јавно обвинителство Скопје го расчисти случајот со наводно исчезнато дете на Клинички Центар и утврдено е дека станува збор за лажна пријава од страна на Л.А. Веднаш по добиената пријава од страна на Единицзта за насилен криминал при СВР Скопје преземени се соодветни мерки и активности. Направени се детални проверки во системот на Гинеколошко акушерската клиника во Скопје за примени пациенти и притоа констатирано е дека Л.А. последен пат е хоспитализирана во 2019 година. Исто така направени се проверки во системот на Детска Клиника и притоа не е забележано новородено дете како што пријави Л.А. Направени се проверки во ординацијата на матичниот лекар на Л.А и притоа констатирано е дека таа била на преглед на 8 март 2023 година каде што од страна на докторот е констатирано дека таа не е бремена. Извршен е разговор со докторот и од прибраните докази е констатирано дека пријавата на Л.А. е лажна. Во консултација со дежурен јавен обвинител Л.А. е лишена од слобода и задржана во полициска станица за понатамошно постапување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот