Нема избирање и нема „мешање“ на вакцините
Со која вакцина ќе почнете, со таа и ќе ја завршите имунизацијата против ковид-19. Ако првата доза е од „Астра-Зенека“, таква ќе мора да биде и втората. Истото ќе важи и за вакцините од кинескиот производител „Синофарм“ и американскиот „Фајзер“. Дозите нема да се мешаат, потврдуваат од Министерството за здравство за „Слободен печат“.
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести не ги охрабрува луѓето да ги мешаат вакцините, освен во исклучителни ситуации, како што е недостигот на вакцини кои ги примиле поради застој во дистрибуцијата. Во тек се неколку истражувања за тоа како комбинирањето на две дози од различен производител влијаат на организмот, но резултатите уште се чекаат. Во Велика Британија научниците почнаа студија во којашто ќе мешаат две ковид-вакцини во обид да видат дали на таков начин ќе се зголеми имуниот одговор на граѓаните.
Вакцините против коронавирусот се даваат во две дози, иницијална и бустер-доза, за да ги стимулира клетките на имунолошки одговор. И Оксфорд ќе учествува во истражување во кое нивната доза ќе се дава во комбинација со руската вакцина „Спутник 5“. Целта на ова истражување ќе биде да се утврди нивото на антитела создадени по ваквата комбинација.
Граѓаните нема да може да го избираат производителот на вакцината со која ќе се имунизираат, туку каква ќе има во моментот на пунктот, таква ќе примат. Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ велат дека ова е прашање од организациски аспект. Вакцините ќе се носат на различни пунктови и по ред ќе се администрираат.
Вакцинацијата што почна со здравствените работници на Инфективната клиника досега опфати 453 лекари и медицински сестри и продолжува и понатаму. Српската донација за Македонија од 4.680 вакцини од „Фајзер“ беше наменета за најизложените во ковид-центрите во земјава. По вакцинацијата тие добиваат и картонче за имунизација со датум кога ја примиле првата доза. Во едно шишенце има шест дози кои се екстрахираат со посебни шприцови и досега нема загуба на ниту една доза, велат надлежните.
Има шест вакцинални пунктови на Инфективната клиника во Скопје во модуларната болница и таму се работи во две смени, од 8 часот наутро до 20 часот, од понеделник до сабота. Кон крајот на февруари во Македонија ќе стигне вакцината на кинескиот производител „Синофарм“ и тоа 200 илјади дози. Преку КОВАКС-механизмот во март се најавени првите дози за Македонија. КОВАКС во Македонија ќе дистрибуира вакцини на „Астра-Зенека“, помеѓу 103 и 175 илјади дози, кои треба да стигнат во два наврата до јули.
Министерството за здравство апелира дека сите вакцини што се на пазарот се развиени на безбедни платформи односно се безбедни за граѓаните. Сите производители на вакцини имаат документи од нивните национални агенции, а вакцината на „Фајзер“ е дополнително регистрирана и од европското и од американското регулаторно тело за квалитет на лекови.
На веб-страницата вакцинација.мк тече пријавувањето на граѓаните за имунизација. Преку матичен лекар сите граѓани над 70 години може да се пријават за вакцина. За нив имунизацијата ќе биде веднаш по здравствените работници опфатени во првата фаза. Досега на веб-страницата над 58 илјади граѓани изразиле желба да се вакцинираат, а преку матичен лекар се пријавиле 33 илјади граѓани на возраст над 70 години.