Неговите мошти се чудотворни, а од денешниот празник до 24 ноември се гледа каква ќе биде зимата

Денеска, на 3 ноември според православниот календар, односно 16 ноември според новиот календар Македонската православна црква -ОА го празнува Светиот великомаченик Георгиј – Ѓурѓиц.

На овој ден се празнува преносот на моштите на Св. Георгиј од Никомидија во градот Лида Палестинска, каде што пострада во времето на царот Диоклецијан. Страдањето на овој прекрасен светител е опишано под 23 април.

Пред смртта Св. Георгиј го замоли својот слуга да го земе неговото мртво тело и да го пренесе во Палестина, од каде што беше родум и мајка му и каде што имаше голем имот, кој им го раздаде на сиромасите. Слугата така и направи.

Во времето на царот Константин во Лида побожните христијани му изградија на Св. Георгиј прекрасен храм и при осветувањето на храмот во него ги пренесоа моштите на светителот и таму го закопаа. Од чудотворните мошти на Св. великомаченик Георгиј се случија големи чуда.

Тропар

Мачениците Твои, Господи, во своите страдања примија нетлени венци од Тебе – нашиот Бог. Имајќи ја, пак, Твојата поткрепа, ги победија мачителите и немоќната дрскост на демоните ја скршија. По нивните молитви, спаси ги душите наши.

Кондак

Откако најдовме прибежиште во твојата брза и непобедлива заштита, Христов страдалнику, ние верните кои те воспеваме, молиме да се избавиме од вражјите соблазни, и од секакви несреќи и опасности, за да повикуваме: Радувај се, маченику Георгие!

Народни верувања

Според народните верувања од денес до 24 ноември, временските прилики ќе ни покажат каква ќе ни биде престојната зима.

Ако деновите се магловити, зимата ќе биде променлива и магловита, но ако биде ведро – зимата ќе биде остра и со многу мраз.

За време на овие денови ништо од куќата не треба да се дава. Не треба да се преде волна и ништо не се пере. Кројачите и чевларите одмараат, додека жените не треба да работат рачни работи.

Овој празник поврзан со името на свети Георгиј Победоносец му припаѓа на есенскиот циклус празници и е поврзан со домашни служби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот