Нефи Усеини градеше без дозвола и црпеше песок од езеро, а сега е член на Комисија за заштита на животната средина

нефи усеини
Нефи Усеини, советник од ДУИ во Општина Охрид, Фото: Архива

Контроверзниот советник од ДУИ во Советот на Општина Охрид, Нефи Усеини, кој без никаква документација и еколошка дозвола, спротивно на законот изгради бетонска база на брегот на Охридското Езеро, сега е член на Комисијата за заштита на животната средина во општината, како што е наведено на нејзината веб-страница.

Фото: Општина Охрид

Случајот со бетонската база, за којшто реагираа еколошките здруженија, беше актуелен пред неколку години, а дивата сепарација на советникот Усеини беше наведена и како еден од аргументите за одземање на заштитниот статус на Охрид и околината во УНЕСКО.

По жестоките реакции во јавноста, објектот на Усеини започна да се урива во јули 2020 година, но таа подоцна продолжи да работи.

Нефи Усеини беше во фокусот на јавноста и кога во август таа година охриѓанецот Спиро Топаловски го обвини советникот и неговиот брат Ибро дека го претепале, како и дека му впериле пиштол во главата на неговиот 14-годишен син. Полицијата поднесе кривични пријави, Обвинителството отвори предмет, а Усеини и неговиот брат тогаш избегаа и не беа достапни за органите на прогонот. Топаловски подоцна ја смени изјавата, а случајот до денес е заглавен во суд.

Усеини беше носител на листата на ДУИ на локалните избори во ноември и беше повторно избран за советник, а сега преку членството во општинското работно тело ќе има можност да ја заштитува животната средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот