Не знаеме каква вредност имаме

Кај нас со културата, а особено со културното наследство, се занимаваат луѓе што многу малку или ништо не разбираат од областа, кои се тотално неупатени и не умеат – нестручни се! – да проценат што е вредност, а што кич.

Фактот дека ние не учиме од грешките што секојдневно ги правиме е веќе ноторен факт, ама од таквите констатации – ако нештата не ги менувате – нема којзнае каква полза. Културата ни е слика и прилика за тој факт, ама ние сме, нели, упорни, тврдоглави во нашето незнаење и неспособност, па само доградуваме, дополнуваме… наместо да менуваме. Да бевме поинакви веројатно не ќе моравме повторно да минуваме низ ваков циркус со Курбиново, Нерези, Охрид и низ редица други циркуски точки во културата само заради нечии суети, самодоволност, неукост?

Мора ли секогаш одново да се бијат битки за нешта толку јасни и очигледни за целиот свет, освен за нас, да се трпат нови и нови порази? И тие битки да ги бијат само поединци? Зашто, кога и такви темелни вредности како непроценливото културно наследство поминуваат без соодветна поширока (општествена, стручна, еснафска) и особено медиумска поддршка и препознавање на исклучителната важност не само за културата, тогаш повторно ги правиме истите грешки. А во конкретниов случај таа целосно изостана, освен во третманот во два-три медиуми – два портали и една телевизија – коишто покажуваа(т) чувство за јавниот интерес во таквите теми, за нивното пошироко општествено значење, за пласирање на информација (особено стручна, експертска) и од „другата страна“?

Иако, всушност, ваквиот медиумски молк за извонредно значајни теми си има свој корен во самата македонска култура којашто, де факто, мазохистички настојчиво се поништува себеси. И медиумите тоа го гледаат и можеби и’ прават услуга што не ја резилат уште повеќе, и подолу. Зашто, кога слушате дека „Ние всушност и не знаеме што поседуваме…“, а тоа во еден момент го вели актуелниот директор на Управата за заштита на културното наследство, институција најодговорна – и уште еднаш: НАЈОДГОВОРНА – за катастрофалната состојба со наследството во Македонија, тогаш што?! И што тука треба да направат медиумите? Да го дораспретуваат тоа ѓубриште и да го бараат дното? Дното на културата кај нас е недофатливо и него може да го распрета единствено самата култура. Медиумите можат само да помогнат, ако сакаат. Но, очигледно, нема доволно конструктивна желба на обете страни.

И спомнатата изјава е веројатно најжалната констатација што најчесто ја слушаме од најголем дел од (наводно) одговорните луѓе за културата во државава, а таа е едновремено – најточната. Зашто, кај нас со културата, а особено со културното наследство, се бават луѓе кои многу малку или ништо не разбираат од областа, кои се тотално неупатени и не умеат – нестручни се! – да проценат што е што, што е вредност а што кич, па следствено ни се случува ова што ни се случува. А ни се случува многу! Од 2006 година наваму преплавени сме со кич, со незнаење, со неумеење, со дилетантизам…! И таа поплава е со библиски размери, тој потоп на катастрофални нешта што му се случуваат на културното наследство многумина се обидуваат да го камуфлираат со партиски соопштенија, приспивни песнички и медиумска поддршка од неколку вувузели, умеат да раскажуваат приказни за мали деца и можат да релативизираат се, па дури и катастрофалниот Извештај на УНЕСКО за состојбите во Охрид, можат да превидат цело едно ремек-дело од форматот на „Св. Пантелејмон“, дозволено е – буквално сѐ! Дури, дозволено е Управата како најмеродавен државен орган во заштитата на културното наследство да „нема доволно информации зошто тоа се случувало“, да нема увид во сите оние дивоградби (не само) во Охрид, да не ја разбира катастрофата со овој град и понижувањата на целата држава туку тоа да го крстат „предизвик Охрид да биде ставен на Листата на загрозено културно наследство“!?

(teodosievskiumetnost.wordpress.com)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот