Сулејман Љамалари, фото „Слободен печат“ Слободан Ѓуриќ
Сулејман Љамалари, фото „Слободен печат“ Слободан Ѓуриќ

Не сум виновен, рече Сулејман Љамалари, обвинет за нападот на Данела Арсовска и се смешкаше додека таа сведочеше

Сулејман Љамалари, обвинет дека ја нападнал градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, кога таа излегла на терен да контролира дивоградби во Чаир и диви приклучоци на вода и струја, денеска во судница седна на обвинителна клупа и се изјасни за невин. Неговата адвокатка Иванка Јакимовска рече дека Љамалари во полициска станица дента кога е обвинет дека ја нападнал Арсовска, всушност пријавил дека самиот бил жртва на физички напад и ја пријавил градоначалничката за насилство. Обвинителот Александар Давчевски рече дека оваа пријава е направена со цел да се изманипулира постапката и да се поведе прекршочна постапка за истиот настан. Обвинителот рече дека Љамалари сторил кривично дело а не како што сака да се претстави, дека е жртва.

Данела Арсовска. фото Слободен печат - Слободан Ѓуриќ
Данела Арсовска. фото Слободен печат – Слободан Ѓуриќ

-Го молам судот ако се поведе прекршочна постапка, да се реагира до одделот за прекршоци таа да биде прекината до завршување на оваа кривична постапка која има повисок степен, рече обвинителот Давчевски.

Арсовска сведочеше дека додека стоела под чадорот наспроти дивоградбата, се приближил Љамалари на тротинет, почнал да мафта со рацете, да се заканува и да гестикулира, ја удрил двапати по лицето и горниот дел од телото и повеќе од 40 минути траела неговата вербална агресија, во присуство на полициски службеници, дури и откако тие го оттргнале од неа.

Фото Слободен печат / Слободан Ѓуриќ
Фото Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Арсовска рече дека и вербален напад е недозволив кон носител на јавна функција, жена, мајка и човек и дека поради тие закани се чувствувала загрозена. Љамалари се смееше додека Арсовска на барање на обвинителот ги повторуваше зборовите со кои Љамалари ја навредувал.  Арсовска сведочеше дека Љамалари чувствувајќи се многу моќен и на полицајците им се обраќал насилнички, барал да му се јават на шефот, по што наместо да биде спречен му било дозволено да се јавува телефонски повеќе пати.  Градоначалничката се расплака во судница кога кажа дека ниту во еден момент видела каење кај обвинетиот кој  како што рече – ѝ приредил едночасовен терор во Чаир. Таа побара штета од обвинетиот и се приклучи кон кривичниот прогон.

-Гледам дека ни денес нема каење, за нешто што нема оправдание, некого да го тероризирате еден час, физички да го нападнете и ниту грам жал да нема за стореното кон некој што не само што е јавен функционер, туку е и жена мајка. Затоа се приклучувам кон кривичниот прогон, рече Арсовска. 

-Имав чувство на страв и несигурност и во ниедна секунда кај него немаше ниту трошка жалење за тоа што го направи. Напротив, агресијата континуирано растеше и продолжуваше со бројни закани и навреди, рече Арсовска.

Фото Слободен печат / Слободан Ѓуриќ
Фото Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Таа рече дека Љамалари се обидувал да ги нападне и советничката Ирена Витина, инспекторот Дарко Митевски и секретарот на Град Скопје.

– Во моментот бев под сенката, почна со рацете да мафта да се заканува и да гестикулира по што откако ја кренав раката ме удри два пати со раката во горниот дел од телото лицето при што направив чекор наназад да направам дистанца и ја кренав ногата во самоодбрана. Понатаму имаше и кревање на нога од негова страна, но сакам да се задржам на вербалниот напад кој беше надвор од границите на нормалното, рече Арсовска.

Повтори дека пред да оди во ГОБ „8 Септември“ поминало време и морало да дојде интервентна полиција за воопшто да може да се изведе извлекувањето од таму.

-Тоа покажува дека местото беше небезбедно за секој од нас, а таму преживеавме едночасовен терор. Реалната проценка на опасност со која бев соочена во тој момент ја оценија како оправдана и од тој момент ми е доделено 24-часовно полициско обезбедување, рече Арсовска.

Фото „Слободен печат“ Слободан Ѓуриќ
Фото „Слободен печат“ Слободан Ѓуриќ

Според неа, во првите три секунди од нападот веднаш било пријавено на 192.

Според обвинителството Љамалари на 11.07.2025 околу 11 часот и 30 минути на улица „Севастополска“ во Скопје извршил грубо насилство врз оштетената Данела Арсовска која имала за последица предизвикување телесна повреда кај оштетената а со тоа во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Ја удрил со нога во левата потколеница, со што ѝ ја нагмечил левата потколеница, а притоа за целото време ѝ се заканувал и по семејството и по неа самата. Обвинителството достави УСБ со фотографии и видео материјали од самиот нстан, како и медицинско вештачење добиено од Институтот за судка медицина криминалистика и медицинска деонтологија за повредите на градоначалничката.

Адвокатката на Љамалари Иванка Јакимовска, вкрстено ја испрашуваше Арсовска дали кога во полициска станица некој ја принудувал да потпише записник со изјава со која таа не се сложувала,  тоа го правеле полицајци, а не обвинетиот лично. Запрашана дали во внатрешна контрола ги пријавила полицајците што му дозволувале на обвинетиот да се јавува „на главниот“ Арсовска одговори негативно – дека тој толку се чувствувал силен и моќен и со несмален интензитет 40 минути ѝ се заканувал и сметал дека е недопирлив.

Фото Слободен печат / Слободан Ѓуриќ
Фото Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Ќе се согласите ли дека кревањето нога кон таканаречениот насилник вие сте имале физички контакт „нога со нога“ со сега обвинетиот? праша адвокатката.

-Многу добро се гледа дека не одам јас кај него со тротинет, туку тој кај мене додека стојам мирно со телефонот во рака. Прави гестикулации, доаѓа накај мене, по што ме удира губам рамнотежа наназад и во тој момент доколку сакате мојата одбрана и бегање да го прикажете како било каква форма на допир кој што не е дел од неговиот напад кон мене, истото не го прифаќам. Затоа што јасно се гледа кој кон кого се доближува и кој кого напаѓа. Минамален беше мојот контакт во споредба со шамарите и боксовите, рече Арсовска.

Таа истакна дека во болница ѝ биле нотирани и црвенилото на лицето. На прашањето дали обвинетиот се обидел да ја спречи да не снима со мобилниот па затоа гестикулирал со раката, Арсовска одговори негативно.

Фото „Слободен печат“ Слободан Ѓуриќ
Фото „Слободен печат“ Слободан Ѓуриќ

Запрашана што е тоа во полициска станица со кое што Арсовска не се согласила па не го потпишала записникот,  таа рече дека не се согласувала со тоа што не било нејзин збор – било да е парафразирање или внесување надвор од зборовите што ги кажала. Во времето на нападот според Арсовска немало други луѓе, ама почнале да се собираат откако Љамалари вртел телефони и се заканувал,  по што како што рече,  уште едно лице упатило вербални закани кон неа и се обидел физички да ѝ пристапи.

Фото „Слбооден печат“ / Слободан Ѓуриќ
Фото „Слбооден печат“ / Слободан Ѓуриќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот