Не оди сѐ така мазно во обесштетувањето од Еуростандард банка

Скопје, 13 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

За десетина дена ќе се знае колкава сума им е исплатена на штедачите на Еуростандард банка за старт. Таков е договорот меѓу банките и Фондот за осигурување депозити, но, судејќи според редиците во вторникот, граѓаните гледаат што побрзо да си ги подигнат заштедите. Половината од штедните влогови во банката се депозити од 600 до 1.000 денари. Во банката имало повеќе од 136 илјади штедачи, а просекот на влоговите се движи околу 500 евра, иако има и повисоки суми.

Првиот ден од обесштетувањето главно помина без поголеми проблеми, иако добар дел од оние што чекаа, негираа дека се дојдени за исплата. Оние похрабрите велат дека „чекаат за ситни пари, ама и тие не сакаат да ги остават на сметките“. Освен техничките проблеми со имињата, дел од граѓаните реагираа дека не успеале да ги подигнат парите од плата, пензија, социјална помош. Од Фондот за осигурување депозити, објаснија дека такви случаи се можни ако врз сметката имало претходна блокада од извршител. Во таква ситуација, извршителот треба да ја тргне блокадата. Проблеми имало и со полномоштвата. Имено, првично договореното дека треба да важи полномошното од Еуростандард банка, сега не важи. Па, така, штедачите што нема лично да се појават на шалтерите на банките исплатувачи, ќе мора да вадат нови овластувања, бидејќи немало законска основа. Граѓаните се револтирани и сметаат дека сето ова се прави намерно за да им се оневозможи пристап до заробените средства.

– Има големи проблеми во обесштетувањето на штедачите на Еуростандард банка, кои имаат овластено лице, а за кои ФОД гарантираше дека нема да има проблеми и дека тие лица ќе може да функционираат и без дополнителни полномоштва. Сега, банките не ги обесштетуваат штедачите што имале овластени лица (а во потврдите кои ги поседуваат е наведено дури и овластеното лице), даваат сопствено полномошно на банката, а тоа предизвикува еден куп компликации, особено кај штедачите кои престојуваат во странство! Ги тераат овластените лица да го праќаат банкарското полномошно во странство. Дали лицето носител кое е во странство, со тоа полномошно треба да оди во амбасада и таму да го потпише?! Тоа се огромни компликации и дополнителен финансиски товар на штедачите. Особено во овој период кога има рестрикции, кога пратките патуваат со месеци, кога сите работаат со протоколи, замислете некој што живее во град со десетици километри оддалечен од град каде што има амбасада, да напушта работа, па дали работи амбасадата и во кои термини – пишува штедач, кој се обрати до „Слободен печат“. 

Овој граѓанин се обратил и до ФОД и оттаму му потврдиле дека се запознаени со проблемот, но дека не се работи за некакво самоволие на банките, туку за почитување на законските прописи, поконкретно Законот за платен промет.

Во наредните 36 месеци, треба да се обештетат повеќе од 136.000 лица – штедачи со сметки под 30 илјади евра, како и оние кои имале заробени пари на сметките од плати, пензии, социјална помош. И 780-те штедачи со влогови над 30.000 евра ќе ја добијат загарантирана сума, а остатокот, преку стечајната постапка. Обесштетувањето ќе се одвива преку Комерцијална, Стопанска Скопје, НЛБ Банка и Халкбанка.

Стечајниот управник на Еуростандард банка, Душко Тодевски, соопшти дека се раскинати сите договори за закуп на деловен простор, во кои биле експозитурите на банката, а целиот имот и документација се заштитени и се на сигурно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот