Не ќе да е спринт, туку маратон

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Не знам како е со вас, но јас си мислев дека, под принуда на домашнава изолација, во изминатите две недели и во наредните три-четири, ќе стигнам дома да прочитам работи кои со години, со благо чувство дека одмаздата е најслатка „кога се сервира студена“, ги одлагам, ги редам, ги прередувам и ги евидентирам по разни фајлови и полици, како ланска и прекланска туршија за употреба „кога ќе ѝ дојде време“… Сега е тоа време.

И, еве, признавам: ЕДНА СТРАНА НЕМАМ ОТВОРЕНО, А НЕ ПАК ПРОЧИТАНО, од таа „стратегиска интелектуална резерва“! Ништо, нула, зич, зеро, нул, компир… И со бројка: 0.

Да не се разбереме погрешно, тоа не значи дека ништо не правам, напротив! Секој ден трошам часови на организацијата и утринската изведба на „Утрински брифинг“, секоја вечер пишувам колумна (да, овие што ги читате, за кои инспирациите се тајновити и неизвесни како средновековните протонаучни рецепти за производство на по некоја унца злато во алхемијата), а минатата недела спроведовме и онлајн испит на студентите на универзитетот на кој предавам, како „генерална проба“ за виртуелните редовни предавања со кои започнуваме оваа недела… Плус сите други „обични“ работи на повремени „маскирани“ пазарења, телефонски разговори со пријатели и роднини, како и редовни расправии, љубов и надмудрувања со персоналот на „тоталнава институција“ (прогуглајте, ќе видите какво чудо е тоа) во која се претворени нашите карантинирани семејства.

И кога ќе дојде редот да се фатам за нешто да прочитам – раката сама ми оди на јутјуб, на нетфликс, на содржината од фрижидерот, а и на најстрашниот од сите информативни отровни денгуби – фејсбук!

Всушност, во ретките моменти на детоксификација, сфаќаш дека вируснава епидемија не е само животно опасна по белите дробови, туку со неспоредливо поголема инциденца на смртност го напаѓа и когнитивниот и манипулативниот дел од мозокот, со страшно дејство на деморализација, фатализам, различни дози на страв и висока загриженост, кои во неправилни интервали на когнитивна дисонанца се менуваат со чувства на игноранција и повремени еуфории, со закана за предизвикување интелектуална клиничка смрт. (Да, знам дека звучи компликувано, ама се работи за медицинска дијагноза, не може оваа патологија да се опише едноставно!)

Кои се симптомите? Се отрув од гледање прес-конференции, од читање соопштенија, колумни, постови и анализи за корона, корона, корона… Секој има став за сè, но некои располагаат со заглушувачки пропагандни „камбани“ кои по цел ден трескаат во катедралите на измислиците и лагите како Велигден годинава да нема да се слави според грегоријанскиот или јулијанскиот календар, туку според календарот за политичко воскреснување на една не така одамна погребана политичка практика.

Од сето тоа не е тешко да се заклучи дека, општо земено, политичката, а следствено на тоа и општествената јавност ни е поделена во два генерални кампа: едни напорно се занимаваат со решавање на кризата; други лежерно се занимаваат со овие кои се занимаваат со решавање на кризата.

Првите се смртно загрижени, повремено уплашени, растрчани и видливо уморни, понекогаш импровизираат, но со успешност на резултатите несомнено над очекувањата, до сега… Вторите се одморени, арогантни, наакани, со слободно време за суетно мудрување и мрчење несомнено над очекувањата, до сега.

Проблемот е во тоа што, како што врви времето, сè повеќе станува јасно дека ова нема да биде трка на кратки медицински стази, туку повеќе ќе личи на долг здравствен и ментален маратон. Како што стојат работите, шансите да го преживееме вирусот се далеку поголеми од изгледите да останеме при здрава памет.

Можеби е време, сепак, да се извлече нешто од купот на наткасната?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот