Научниците постигнаа најголем напредок во лекувањето на ракот на грлото на матката во последните 20 години

Фото: WIkimedia Commons
Научниците веруваат дека се на трагот на можеби најголемиот напредок во лекувањето на ракот на грлото на матката во последните 20 години, користејќи веќе постоечки, поевтини лекови наместо вообичаената радиотерапија, пишува „Би-би-си“.

Според резултатите на испитувањето претставени на ЕСМО медицинската конференција, со овој пристап ризикот од смрт е намален во 35 отсто од случаите.

Британската организација за истражување на ракот (Cancer research), го финансирала истражувањето и резултатите ги нарекува извонредни.

Тие се надеваат дека клиниките наскоро ќе почнат да го применуваат новиот метод на лекување.

– Кога лекувате рак, времето е клучно. Има сѐ повеќе докази кои покажуваат колку е важно да се вклучат дополнителни циклуси на хемотерапија, пред другите третмани, како операција и радиотерапија, кои даваат резултатите во лекувањето на други видови рак. Со овој метод не само што се намалуваат шансите за враќање на ракот, туку може и брзо да се примени, бидејќи се користат лекови кои веќе се достапни во светот. Возбудени сме поради напредокот што ова испитување може да го донесе во лекувањето на ракот на грлото на матката и се надеваме дека наскоро во клиниките ќе се усвојат пократки циклуси на индукциона хемотерапија – изјавил Ијан Фулкс од британската организација.

Во текот на испитувањето, новата терапија ја примиле 250 жени со дијагностициран рак на грлото на матката – шестнеделна хемотерапија со карбоплатин и паклитаксел, проследена со радиотерапија и хеморадијација.

Втората група од 250 пациентки ја примале вообичаената хеморадијација.

Пет години подоцна 80 отсто од жените лекувани со новиот метод преживеале, а во 73 отсто од случаите болеста не се проширила, ниту се вратила.

Кога станува збор за пациентките што ја примиле вообичаената терапија, од нив преживеале 72 отсто, а ракот не се вратил, ниту се проширил кај 64 отсто од случаите.

– Нашето истражување покажува дека овој краток циклус на дополнителна хемотерапија пред стандардната ЦРТ терапија може да го намали ризикот од враќање на ракот или смрт за 35 отсто. Станува збор за најголем напредок во лекувањето на оваа болест во последните 20 години – изјавила Мери Мекормак, водечки научник од Институтот за истражување на ракот УЦЛ и УЦЛХ.

Таа за „Би-би-си“ рекла дека е „важно што пациентите се живи и здрави, како и дека ракот не се вратил по пет години, што укжаува на големи шанси да бидат излекувани“.

Двата лека за хемотерапија се евтини, достапни и веќе одобрени за примена, а експертите сметаат дека многу брзо може да станат нов стандард на лекување.

Сепак, напоменуваат дека резултатите не може да бидат исти кај секоја жена со рак на грлото на матката. Кај некои пациентки кои учествувале во истражувањето, туморот не ги зафатил другите делови од организмот.

Засега не е познато колку би била делотворна терапијата и кога болеста веќе напредувала.

Лековите може да предизвикаат несакани ефекти, како мачнини, повраќње или губење на косата.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот