Научниците: „Оземпик“ и „вегови“ би можеле да лекуваат зависност и деменција
Лековите со семаглутид како што се „оземпик“ (Ozempic) и „вегови“ (Wegovy) се проучуваат за да се види дали тие можат да помогнат во други состојби, пишува „Гардијан“. Инаку, „оземпик“ и „вегови“ станаа многу популарни бидејќи можат да им помогнат на луѓето да изгубат повеќе од 10 отсто од нивната телесна тежина.
Препорачано
Тие го освоија светот на славните како лек за слабеење и станаа витално средство за управување со дијабетесот тип 2. Сега се истражуваат лекови, како што е оземпик, за да се испита дали би можеле да помогнат во состојби кои се движат од злоупотреба на алкохол до деменција.
Оземпик, лек за дијабетес тип 2, и вегови, кој е лиценциран за губење на тежината, го содржат лекот семаглутид, додека сличен лек, лираглутид, е достапен за двете намени под различни брендови.

Овие лекови станаа многу популарни, не само затоа што можат да им помогнат на луѓето да изгубат повеќе од 10 отсто од нивната телесна тежина. Истражувачите кои се надеваат дека лековите би можеле да донесат дополнителни придобивки, поставуваат клинички испитувања.
Д-р Кристијан Хендершот, директор на клиничката и преведувачка програма за истражување на зависности на Универзитетот Северна Каролина во Чапел Хил, рекол:
„Знаеме дека лековите од оваа класа се неверојатно ефикасни за неколку важни здравствени резултати – од кои многу може да влијаат на долговечноста и квалитетот на животот. На некој начин постои чувство дека нешто од ова би можело да биде премногу добро за да биде вистинито. Но, мислам дека сите потенцијални придобивки треба да се истражат“.
Д-р Харшал Дешмух, консултант ендокринолог и виш клинички предавач на Универзитетот во Хал, рече: „Прекумерната тежина е идентификувана како значаен фактор на ризик за низа коморбидитети, вклучувајќи замастен црн дроб, разни видови на рак, деменција и кардиоваскуларни болести.
„Со оглед на овие асоцијации, не е изненадувачки што бројните клинички испитувања во моментот го истражуваат потенцијалното влијание на семаглутидот врз овие здравствени состојби.“
Компанијата што го произведува вегови, „Ново Нордиск“, овој месец објави дека лекот за слабеење може да го намали ризикот од големи кардиоваскуларни состојби, како што се мозочен или срцев удар, за 20 отсто кај луѓето со прекумерна тежина или кои живеат со дебелина.
Но, научниците велат дека не е јасно дали резултатите се сведуваат само на губењето на тежината, истакнувајќи дека е можно лекот да има директни ефекти врз крвните садови или срцето.
Експертите, исто така, се надеваат дека лековите како што е семаглутид, би можеле да влијаат на синдромот на полицистични јајчници (ПЦОС). Нарушувањето, за кое се смета дека влијае на околу 8-13 отсто од жените во репродуктивна возраст, може да предизвика нередовни менструации, хормонска нерамнотежа и неплодност. Тоа е исто така поврзано со отпорност на инсулин и поголем ризик од дијабетес тип 2.
„Главен фактор во управувањето со ПЦОС е губењето на тежината“, рекол Дешмук, кој ја води студијата за да го истражи ефектот на семаглутид врз тежината, намалувањето на андрогените и квалитетот на животот кај жените со ПЦОС.“
Но, Дешмух напоменал дека постојат и други потенцијални механизми со помош на кои лекот може да помогне.
„Забележително, рецепторите под влијание на семаглутид се исто така изразени и во женскиот репродуктивен пат“, рекол тој, додавајќи дека ова вклучува систем кој ги опфаќа хипоталамусот и јајчниците, што значи дека може да има хормонален пат.
Додека Дешмук и другите нагласуваат дека се потребни ригорозни истражувања, тие се надеваат дека семаглутидот може да помогне во справувањето со спектарот на симптоми на ПЦОС – потенцијално вклучувајќи ја и неплодноста со зголемување на стапката на овулација.
Некои истражувања дури испитуваат дали овие лекови можат да имаат корист за стареењето.
Д-р Тифани Кортес, од Универзитетот во Тексас, води едно такво испитување. Таа рекла дека како што луѓето стареат тие имаат тенденција да губат чиста телесна маса и да добиваат телесни масти. Она што е значајно, дебелината и отпорноста на инсулин влијаат на синдромите кои често се забележуваат кај постарите лица, како што се слабост, губење на мускулната маса и силата.
Таа рекла дека се надева дека лековите како што е семаглутид може да им помогнат на постарите луѓе да ја вратат физичката функција, без разлика дали поради директното влијание на губењето на тежината или преку други механизми.
Но, не секоја состојба за која се тестираат лекови како што е семаглутид, е поврзана со вишокот килограми.
Хендершот е меѓу оние кои планираат да го истражат влијанието на овие лекови – познати како аналози на ГЛП-1 – во областа на зависноста.
Хендершот вели дека лековите го имитираат ГЛП-1, хормон кој природно се произведува во мозокот и цревата како одговор на голтањето храна. Тие промовираат чувство на ситост.
Идејата произлезе откако луѓето на кои им давале ГЛП-1 аналози за дијабетес пријавиле намалување на консумирањето на алкохол. Хендершот рекол дека животинските модели сугерираат дека лековите може да влијаат на барањето и консумирањето на дрога.
„Наодите се конзистентни, особено за алкохолот“, рекол Хендершот.
Дури и истражувачите за деменција се свртуваат кон лекови како што е семаглутид, откако студиите покажале дека луѓето кои земале аналози на ГЛП-1 за дијабетес тип 2 имале намалена инциденца на такви состојби.
Д-р Пол Јејтс, консултант геријатар и заменик-директор за истражување за нега на стари лица во Остин Хелт, Австралија, е меѓу оние кои работат во оваа област. Тој рекол дека се чини дека ГЛП-1 и неговите аналози имаат благотворни ефекти во мозокот.
„Нашата сегашна студија има за цел да ја забави (деменцијата), бидејќи регрутира луѓе кои веќе имаат симптоми“, рекол тој.
Додека аналозите на ГЛП-1, како што е семаглутид, може да звучат сомнително како потенцијален лек, експертите велат дека ситуацијата има одредена логика.
„Секогаш треба да бидеме скептични, но ова може да биде поинаку“, рекол д-р Кајл Симонс од Државниот универзитет во Оклахома, кој исто така, истражува дали семаглутид може да им помогне на луѓето со нарушување на консумирањето на алкохол.
Но, истражувачите признаваат дека постои загриженост и непознаници.
Многу од клиничките испитувања се во рана фаза – што значи дека некои примени за кои се надеваат би можеле да одат во поинаква насока во текот на следните години.
Исто така, не е јасно дали лековите ќе бидат од корист за сите луѓе со одредена состојба и дали тие можат безбедно да се користат кај луѓе кои немаат прекумерна тежина или кои живеат со дебелина.


