Научниците конечно открија што го предизвикува бескрајното чешање на егземата

Фото: Профимедиа

Неподносливото чешање кое ја придружува егземата,  хроничната воспалителна состојба на кожата, има нов „виновник“.

Научниците открија дека познатата бактерија, Staphylococcus aureus, предизвикува упорно чешање со директно активирање на сензорните неврони на кожата, а откритието може да им помогне на истражувачите да осмислат нови третмани.

Егземата, која е позната и како атопичен дерматитис, е честа појава кај децата и тинејџерите, но исто така погодува еден од десет возрасни.

Досега се сметаше дека имуните клетки и воспалителните молекули што ги лачат се главните двигатели на неподносливото чешање кое се јавува кај егземата. Тој јадеж толку често предизвикува нагон за чешење што само дополнително ја оштетува кожата, оставајќи ја црвена, отечена и испукана.

Пред многу години, истражувачите открија дека луѓето на кои им недостига кожниот протеин наречен филагрин имаат поголема веројатност да развијат егзема, но она што конкретно го предизвикало чешањето што ја разгорува егземата и понатаму ги мачело.

Сега, тим од претежно американски истражувачи покажал во серија експерименти со животни дека S. aureus, бактерија која предизвикува инфекции на оштетената кожа, самата предизвикува чешање така што ги покренува сензорните нервни клетки на површината на кожата, пренесува „Саенс алерт“ (Science alert).

„Идентификувавме сосема нов механизам кој стои зад чешањето – бактеријата Staph aureus, која се наоѓа кај речиси секој пациент со хронична состојба на атопичен дерматитис“, вели Исак Чиу, имунолог од Медицинскиот факултет Харвард и додава дека се „покажало дека чешањето може да биде предизвикано од самиот микроб“.

Ливен Денг, главен автор и микробиолог на Медицинскиот факултет Харвард вели дека „не мора нужно да имате воспаление за микробот да предизвика чешање, туку дека тоа чешање го влошува воспалението на кожата“.

Доколку се потврдат во студии на луѓето, наодите би можеле да претставуваат јасна цел за ублажување на чешањето кај егземата.

Повеќето актуелни третмани се обидуваат да ја смират кожата, да го смират имунолошкиот систем и да ја обноват кожната бариера без целосно да ја елиминираат состојбата – иако истражувачите ја откриле идејата дека таргетирањето на бактериите на кожата може да обезбеди трајно олеснување.

Идните студии би можеле да истражат и дали патогените како S. aureus со чешањето го олеснуваат своето ширење.

„Тоа е претпоставка во овој момент, но циклусот јадеж и чешање може да им користи на микробите и да овозможи нивно ширење до оддалечните делови од телото и на незаразените домаќини“, вели Денг.

Студијата е објавена во списанието „Сел“ (Cell).

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот