Научната студија „Враќањето на Орфеј“ од Сузана В. Спасовска е објавена во издание на „Полица“
Деновиве, во издание на издавачката куќа „Полица“ од Скопје, излезе од печат научната студија „Враќањето на Орфеј (орфејска и орфичка поезија)“ од Сузана В. Спасовска.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Книгата претставува видоизменета верзија на докторската дисертација одбранета во 2024 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје. Студијата содржи пет поглавја, придружена со обемен поговор од Лидија Капушевска-Дракулевска, распространета на 500 страници. Книгата ги прикажува историјатот и патот на митот за Орфеј од античката филозофија преку христијанската ера па сѐ до модерните времиња.
Во истражувањето се испреплетуваат и неколку различни дисциплини, како што се класичните студии, филозофијата и психологијата, при што се проблематизира и орфизмот како филозофско учење, орфичките химни и орфичката идеја во целост.
Во студијата се прави обид за типологија на поетички модели на орфејска и орфичка поезија, при што се прават паралели и споредби на еминентните европски автори како Новалис, Нервал, Маларме, Рилке и Елиот со македонските автори Шопов, Јаневски, Павловски, Урошевиќ, Ренџов, Клетников, Даниловски и многу други. Проблемот на орфичкото во поезијата во последниве години е доста актуелна тема во светската книжевна наука, која првпат се истражува во македонскиот научен дискурс.
Сузана В. Спасовска (1972) дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Покрај седум збирки поезија, ги објавила и научната студија за слободниот стих „Слободата на стихот“ (2021), како и збирката критичко-есеистички текстови „На врв од острицата“ (2024).
Изданието е поддржано на Годишниот конкурс за финансирање проекти од културата на македонското Министерство за култура и туризам за 2025 година.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 312, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.12.2025)


