Наставничките и децата од „Х. Т. Карпош“ и годинава 8 Март го посветија на заболените од Вилсон
По повод празникот на жената – 8 Март, децата од 4б одделение од ОУ „Х.Т. Карпош“ во Скопје по четврти пат спроведоа хуманитарна акција „Љубов за Дамјан” и собраа пари кои ќе ги донираат во здружението за подршка на лица со ретка болест Вилсон.
Препорачано

Наставничките Оливера Павловска и Татјана Велкова од Скопје и оваа година одлучија празникот 8 Март, наместо со подароци, да го одбележат со хуманитарна донација. Тие писмено ги известија родителите, доколку мислат да одвојат пари за да им купат подароци, парите да ги наменат за хуманитарни цели.

– Доколку сте планирале какви било средства да одвојувате за наставничките по повод 8 Март би Ве замолиле средствата да ги уфрлите во кутија за донации за лекување на ретки болести која е поставена во училиштето како дел од хуманитарната акција која ја спроведуваат ученицитe. Најголем подарок за наставничките е љубовта и почитта која ја добиваат од своите ученици, пишува во пораката која ја добија родителите.

Оваа година кон хуманитарната акција се приклучија повеќе одделенија од училиштето, следејќи го примерот на 4б одделение.





