Нашите што работат со странски фирми имаат голема мака: Платата добиена на чек не важи во нашите банки?!

Скопје, 18 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Банкарите велат дека ова е стар, високоризичен систем на наплата, но наш сограѓанин што работел во Словачка за американска компанија, вели дека таму ова најнормално функционира.

Прилепчанец што работи за една американска компанија, својата плата ја добива на чек. Тој вели дека многу американски компании го имаат тој систем на работа, парите да ги исплатуваат на чек, а потоа корисникот да си ги претвори во пари во својата банка.

Нашиот соговорник објаснува дека во американската компанија се вработил во Словачка каде што таму повеќе години живеел, но со короната се вратил во Македонија и продолжил да работи за истата компанија онлајн. Додека бил во Словачка, најнормално си ги реализирал чековите, а сега не знае што да прави затоа што банката во која има сметка и која ја навел како нова сметка кај својот работодавач, го информирала дека не може да му исплати чек.

– Деновиве по ДХЛ го добив чекот за сработеното. Тоа се моите единствени приходи, од тоа јас живеам. Отидов во филијалата на НЛБ банка и побарав да ми го реализираат чекот. Не ни помислив дека ќе има некаков проблем. Тоа сум го правел претходно многупати во Словачка. Но таму ме погледнаа зачудено и ми кажаа дека тие такво нешто не прават. Инсистирав на одговор зошто е тоа така, прашував дали да одам во централата, но одговорот беше ист – ние не го правиме тоа – вели Благоја.

Одговор во однос на реализирањето чекови од странство, побаравме и ние. Во НЛБ банка ни одговорија дека нивната оцена е дека чековите се ризични и затоа не го прават тоа.

– Поради тоа што чековите се покажаа како високоризични и со можности за потенцијална злоупотреба, со одлука на Групацијата НЛБ, услугата трансфер на средства преку банкарски чек повеќе не е достапна преку НЛБ банка Скопје.  Преку НЛБ банка Скопје, меѓународен трансфер на средства може да се изврши преку стандардна SWIFT порака/трансфер, доколку условите го задоволуваат девизниот режим диктиран од Нaродната банка – изјавија од НЛБ банка.

Нашиот соговорник вели дека прашал и во повеќе други банки, но дека му одговориле дека не ја прават таа услуга.

– Сигурно дека не сум единствен што ја има оваа мака. Одев од банка до банка за да прашам дали некоја банка во Македонија тоа го прави, ама никаде не добив потврден одговор. Сакав да ја сменам банката, да отворам нова трансакциска во некоја друга банка, да го вратам чекот по ДХЛ и да побарам нов, на новата сметка. Ама, ни од тоа ништо. Засега не пронајдов банка што ќе ми го реализира чекот и навистина не знам што да правам – вели нашиот соговорник.

Дали работат со чекови прашавме и во најголемата македонска банка – Комерцијална банка. Но оттаму ни одговорија дека тоа веќе одамна не го прават.

– Комерцијална банка АД Скопје веќе 7 години не прифаќа чекови за наплата во валута американски долар поради неможноста за наплата на истите преку странска банка. Имено, американските банки со кои нашата банка имаше соработка во минатото, го запреа прифаќањето на ваквите чекови. Причините за ваквата нивна одлука се високите трошоци за процесирање и зголемениот број фалсификати, како и постоењето посовремени и побезбедни начини за меѓународен трансфер на пари. Во овој момент најдобро решение за трансфер на средствата по основа на плата е користење т.н. банкарски трансфер преку SWIFT-системот, кој во САД го нарекуваат „wire transfer“ – велат од Комерцијална банка.

Нашиот соговорник, пак, вели дека е загрижен за исплатата на своите плати, затоа што американската компанија за која работи, ја практикува исплатата со чекови и дека провизијата за таквиот начин на исплата досега тој си ја плаќал во банките во Словачка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот