Нашата најпозната харфистка Мерсиха Шукри со концерт ќе одбележи 20-годишен јубилеј

По повод 20 години професионална изведувачка дејност на својот инструмент, нашата најпозната харфистка Мерсиха Шукри на 25 октомври, со почеток во 20 часот, ќе одржи концерт во малата сала на Филхармонија. Влезот е слободен.

На програмата на концертот ќе бидат изведени композиции од Дурант, Дусек, Глинка и Хенсон.

– Јубилејот 20 години „Мерсихарфа“ е поврзан со првиот концерт на мојата сопствена харфа. Токму поради таа причина ми е посебно драг. Концерти сум имала и претходно, но секогаш сум зависела од инструменти на институциите. Со концертот сакам на публиката да ѝ пружам многу музика исполнета со љубов, жар, емоции. Различни стилови испреплетени низ жиците на харфата. На концертот ќе имам и гости, моите драги колеги од Филхармонија – Елена Талевска на виолина и Паскал Краповски на виолончело – изјави Мерсиха Шукри за „Културен печат“.

Мерсиха Шукри е соло харфист на Македонска филхармонија. Своето високо образование го стекнува на ФМУ во Скопје, во класата на проф. Лејла Урманова (Русија), како прв дипломиран харфист во Македонија. Магистерските студии ги завршува во Белград (Србија), во класите на проф. Милица Бариќ и проф. Љиљана Несторовска. Се усовршувала и кај светски познати харфисти.

Како харфист има остварено бројни солистички концерти на „Скопско лето“, „Хераклејски вечери“, „Денови на франкофонијата“, „Битолско лето“, „Есенски музички свечености“. Настапувала како солист со Мандолинскиот оркестар „Скопје“ и гудачкиот ансамбл „Арко“. Концертирала и надвор од Македонија, во Србија, Словенија, Косово, Франција, Унгарија, Холандија, Израел, Хрватска и Турција. Член е на Светската асоцијација на харфисти и коресподент за Македонија.

Влезена е во Гинисовата книга на рекорди како дел од најголемиот и најдолг оркестар од харфи, на 10-иот Светскиот конгрес одржан во Амстердам. Го има издадено ЦД-то „Звуците на харфата“, кое е и прв компакт-диск со музика за соло харфа во Македонија. Има остварено аудио и видеоснимки за МРТВ.

Мерсиха Шукри на настап со Филхармонија / Фотографија: Маја Аргакијева

– Посебно сум горда што сум член на најстариот симфониски оркестар во Македонија. Од самото формирање на Македонската филхармонија, огромна чест и привилегија е да се биде првиот македонски харфист кој работи во оваа институција. Ја сакам мојата работа, која постојано ме инспирира, радува и учи нови работи за музиката и комуникацијата со луѓето. Ја сакам енергијата на сцената, која ја делам заедно со моите драги колеги, врвни солисти и диригенти. Ме исполнува и хуманоста искажана преку моето свирење за сите дечиња со посебни потреби – истакнува Мерсиха Шукри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот