Населбата Дексион за две години ќе добие градинка за 120 деца
Во населбата Дексион во Општина Ѓорче Петров се гради нова детска градинка, во која во иднина ќе можат да се згрижат 120 деца.
Препорачано
Како што информираат од Општината, објектот ќе се протега на 900 метри квадратни, а проектиран е според највисоки европски стандарди за безбедност, пристапност и енергетска ефикасност, со занимални, голем централен хол, современа кујна, со целосна пристапност за лица со попреченост, детски игралишта, зеленило, урбана опрема, топлински пумпи и соларен систем за пониски трошоци.
Рокот за изградба на градинката е две години, а ќе чини околу 82 милиони денари.
Со пуштањето во употреба на градинката ќе се обезбедат нови места за прием на деца, ќе се намалат листите на чекање, ќе се отворат нови работни позиции и ќе се растоварат постојните капацитети.
Континуирано вложуваме во образованието, раниот детски развој и создавање современи, безбедни и достоинствени услови за најмладите жители на Ѓорче Петров. Со овие проекти градиме иднина која е стабилна, квалитетна и насочена кон семејствата и децата – истакна градоначалникот Александар Стојкоски во изјава за медиумите.
Градоначалникот за наредните четири години најави уште три вакви објекти, со што општината ќе продолжи со посветена и одговорна реализација на проекти што носат вистински промени за децата, семејствата и иднината на Ѓорче Петров.
На настанот присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.


