Направила ЛАЖЕН ПРОФИЛ на ФБ, па се допишувала СО СОПРУГОТ: Да раскинеме, пред ЃАВОЛОТ да дојде по своето!

допишување

Приказната „Вдовецот“ на Лела Милосављевиќ на духовит начин ги доловува најчестите проблеми на модерното живеење, врските и социјалните мрежи.

Прочитајте ја оваа приказна, секоја сличност со реалноста е случајна.

ВДОВЕЦОТ

Јас и мојот Жика живееме во брак 30 години. Се сакавме и почитувавме, живеевме, одгледавме деца. Ја поминавме 50-тата и како во многу бракови, некогаш беше убаво, а некогаш мислевме дека има и поубаво. Пораснаа децата, Жика остана без работа, завладеа апатија во нашата куќа. Се помалку ни доаѓаат гости, а и ние ретко одиме некаде. Децата отидоа по својот пат, по работа, по живот. Ние останавме осамени.

Кажува Жика, отворил Фејсбук, си ги нашол другарите од војска, па и пријатели кои се отселиле на другиот крај на светот и дека се допишува, за да го убие времето. Доаѓам јас од работа, правам ручек и таман да прозбориме, Жика гледа во телефонот и не кажува ни збор, како овие младите деца.

Решавам дека ќе ја следам ситуацијата, па и сама отворам профил на Фејсбук. Ставам слика од згодна жена од реклама од весник, па додавам уште неколку, такви на кои се гледа само делови од телото. Ѝ давам име, пишувам дека живее во близина, па праќам покана за пријателство на Жика. Ме прифаќа, па како вистински џентлмен прв ми праќа порака и ми посакува добредојте. Што е право, тој секогаш бил добар домаќин и ги сакаше гостите, додека ни доаѓаа. Па така, јас и маж ми се допишуваме.

Тогаш првпат чув дека мојот Жика сака здрав живот, сериозна музика, сака и книги, ама нема време за читање. Би се заколнала дека Жика сака свинско и сарма, дека се згрозува од фитнес и овесни снегулки, а за книги и музика да не зборуваме… Но, добро, ја прифатив играта, му поделив неколку комплименти и напоменав дека во светот има малку останати џентлмени. Така тој ми опишува колку е совршен.

По некој ден го прашувам Жика дали неговата сопруга е воодушевена што го има, кога тој ми вели дека неговата жена, починала пред две години.

Аууу, па кога го прочитав тоа ми дојде да отидам во собата каде гледаше фудбал, да го убијам, па јас малку да бидам вдовица, но се воздржав. Ми кажува дека сам се грижи за децата, за домот, па и мене ми падна жал за Жика што сум му умрела.

Кога одам на работа, Жика одговорно ми пишува порака мене, па ѝ се јавува и на жена му, за да ја смири совеста. Всушност, само на кратко – купи леб, одам по риба.

Со мене пак, редовно си пишува. Прашува како сум спиела, што правам, како се чувствувам… Бидејќи тоа одамна никој не ме прашал, му одговарам. Па така, кога ми доаѓа да се пожалам, одам во другата соба и си пишувам со маж ми кој е во дневната. Некогаш и од различните краеви на каучот се допишуваме. Јас и маж ми. Некогаш Жика толку ми се допаѓа, што заборавам дека живеам со него 30 години. Го прашувам дали покојната жена беше убава. Болно одговара дека била.

Го прашувам по нешто за кутрата, но тој вешто избегнува да одговори. Повеќе му се разговара за мојот маж кој седи со телефонот и не ми обрнува внимание. Е, него го навредува, по список, како може да запостави ваква жена, кажува што тој би правел кога би имал ваква жена покрај себе.

Минат денови и јас чекам пораки од Жика, а кога ќе стигнат, се радувам. Почнавме да се криеме низ дома, за да се допишуваме. Си велам, кој е овде луд? Не знам ни што правам?

Да го убијам ли Жика па да ми се придружи на оној свет или да му пуштам класична музика додека му правам овесна каша за ручек, која толку ја сака. Ако вака продолжиме ќе договориме и средба, па што тогаш…? А ми се чини дека каде и да е, овој вдовец и неговата покојна жена ќе се засакаат.

Сепак мислам дека е најдобро да раскинеме, пред ѓаволот да дојде по своето…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот