Нападот на северот на Косово треба да ги загрижи ЕУ и НАТО, смета генералот Весли Кларк

Фото: EPA/STRINGER

Пензионираниот американски генерал Весли Кларк изјави дека нападот извршен на северот на Косово, кај селото Бањска, претставува вистински проблем за стабилноста на Балканот и дека поради овој инцидент треба да бидат загрижени Европската унија и НАТО.

„Загрижува фактот што по инцидентот се покажа дека во српскиот манастир има складирано големо количество оружје. Вакви случаи имаше и во нашите претходни искуства на Балканот во деведесеттите години, кога одредени манастири беа упоришта на српскиот национализам. Се надевам дека КФОР ќе инсистира сето ова да се провери – затоа што нема место за такво нешто во момент кога се прават напори да се обезбеди договор за автономија на косовските граѓани од српска националност“, изјави Кларк за Гласот на Америка (VOA).

Рашко-Призренската СПЦ во изминатите денови соопшти дека во дворот на манастирот Бањска било пронајдено оружје, кое, според манастирот, вооружени лица го фрлиле додека бегале.

 

Фото: Косовска полиција

Кларк рече дека „оружјето најверојатно дошло од Србија и дека најверојатно се работи за операција координирана или барем премолчено одобрена од српските специјални сили“.

Кларк оцени дека нема реални показатели за тврдења за репресија и дека е јасно дека парите од Белград пристигнуваат на тој простор како да е посебна држава, што е неточно.

„Северно Косово е дел од Косово. И треба целосно да се интегрира во косовскиот систем. Тоа е вистинскиот проблем“, рече тој.

Во врска со тврдењето на косовските власти дека еден од напаѓачите бил Милан Радоичиќ, актуелен потпретседател на најголемата и највлијателната партија на косовските Срби во Косово, која има блиски врски со владејачката Српска напредна партија, Кларк рече дека тоа може да се толкува како дополнителен доказ за соучесништвото на српските власти – што го загрозува постигнувањето договорот за автономија на српската заедница, за чие спроведување се обврзаа САД и Европската унија.

Според неговите зборови, лицата од српска националност кои учествувале во вооружениот инцидент треба да бидат изведени пред лицето на правдата во согласност со правилата пропишани со косовската легислатива.

КФОР / Фото: Архива

„Потребно е НАТО да ги зајакне своите капацитети и да биде ефективен на територијата на цело Косово. Ако, на пример, поединец е санкциониран од САД или од Европската Унија – како е можно тој да биде лидер на политичка партија на Косово?! Кој го дозволува тоа? На пример, господинот Тачи, кој е обвинет за воени злосторства, сè уште е во притвор во Хаг. Треба да постои мерка на разбирање од двете страни за владеењето на правото во Косово“, додаде тој.

Кларк го коментираше и прогласувањето на денот на жалост во Србија нарекувајќи го „неоправдано и чин со кој овие настани се издигнуваат на ниво на државна политика – а притоа, тројцата загинати биле одметници и терористи.“.

„Сите овие постапки му одат на директна штета на дијалогот. На разговорите треба да присуствуваат разумни државници кои ќе се залагаат да запрат ваквите работи. Време е да се признае независноста на Косово, да се оди напред и да се воспостави мир во регионот“, рече Кларк, додавајќи дека очигледно е дека е малку веројатно тоа да се случи.

војници КФОР EPA-EFE/STRINGER

Тој оцени дека моќта на меѓуетничката омраза, чие наследство трае повеќе од еден век, е толку моќна што смета дека е неопходно народите на Европа и САД да се справат со неа со заеднички сили.

Весли Кларк оцени и дека пред десет или пет години се чинеше дека Србија напредува во стремежот да стане членка на евроатлантската заедница, но сега се чини дека тоа е запрено.

„Србија не напредува“, изјави Кларк за Гласот на Америка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот