Наоди од локалитетот Врбјанска Чука ќе бидат изложени во Прилепскиот музеј
Изложбата „Врбјанска Чука: зрно по зрно, погача“, која ќе биде отворена на 31-ви октомври, во 19 часот, во НУ Завод и музеј – Прилеп, е резултат на десетгодишната соработка меѓу НУ Завод и музеј – Прилеп и Центарот за истражување на предисторијата која беше насочена на проучување на овој извонреден археолошки локалитет во Пелагонија.
Препорачано
На изложбата ќе бидат претставени најновите резултати од мултидисциплинарните истражувања меѓу повеќе македонски и европски институции, а кои дадоа сосема ново видување на овој мошне значаен локалитет за македонската и светската археологија.
Тие ќе бидат изложени заедно со прекрасните артефакти откриени од целокупното проучување на Врбјанска Чука, со што, покрај научните сознанија, ќе бидат истакнати уметничките, стопанските и техничките достигнувања на едни од првите земјоделци во Македонија. Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура и туризам во рамки на проектот „70 години НУ Завод и музеј – Прилеп“.
Посетителите во НУ Завод и музеј – Прилеп ќе можат да ги посведочат убавините на секојдневниот и духовниот живот на населението кое живеело на Врбјанска Чука пред 8.000 години, истакнуваат од Центарот за истражување на предисторијата.


