Милорад Стојмановски

Наместо омаж: Отсјајот на фудбалерот од под сенката на Јужна

Во пријатната атмосфера на кафе-книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, на 17 април 2026 година, денот кога Рингов требаше да го прослави својот 71. роденден, собирот почитувачи на ликот и делото на фудбалскиот големец, со кнедла во грлото, но возвишено, го проследи постхумното претставување низ пишан збор на еден од најдобрите фудбалери што земјава ги дала.

A требаше да биде поинаку!

Требаше Васил Рингов, онака како што само тој знаеше, со многу дух, специфична смисла за хумор и струмичка нагласка во говорот, лично да ја прокоментира својата биографија наречена „Фудбалот под сенка“.

Славната вардарова „11-ка“, за жал, не ја дочека промоцијата на неговиот животопис, пренесен на хартија од новинарот Срѓан Ивановиќ. Почина само неколку месеци пред да биде објавена книгата, на 23 декември 2025 година.

Во пријатната атмосфера на кафе-книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, на 17 април 2026 година, денот кога Рингов требаше да го прослави својот 71. роденден, собирот почитувачи на ликот и делото на фудбалскиот големец, со кнедла во грлото, но возвишено, го проследи постхумното претставување низ пишан збор на еден од најдобрите фудбалери што земјава ги дала.

Требаше сепак да биде поинаку. Требаше Рингов да дополни нешто што било недоречено, нешто што боли и пече.

Наместо него, тишината самата го рече. Го рече штамата што како светлосна секунда молк во знак на почит ѕунеше во воздухот кога ни бескомпромисниот Дарко Панчев не ги додржа солзите. „Златната копачка“ немаше одбрана пред нападот од емоции, затрепери гласот на „братот по оружје“ со бројот девет на црвено-црниот грб. Ех, лесно беше против крампоните на високо подигнатите противнички нозе кон неговите штуцни.

А само пред извесно време токму Рингов беше еден од тие што беседеа за авторизираната биографија на Панчев, која исто така ја објави „Арс Ламина“, а ја напиша бардот на спортското новинарство Зоран Михајлов и сè уште се наоѓа на рафтовите во книжарниците. Тоа како да беше поттик харизматичниот струмичанец по овој настан почесто да се дружи со Ивановиќ, по што произлезе идејата да се напише една поинаква ретроспектива на (не)фудбалските згоди на великанот, на начин на кој головите нема да бидат во фокусот на пишаниот збор, како што својата биографија ја замисли и главниот јунак на книгата.

На видеобимот за време на промоцијата се вртеа инсерти за вечност: неговите погодоци од најуспешниот период на златната вардарова генерација, настапите во дресот на Тетекс, бравурите за загрепски Динамо, кратката епизода во Ајнтрахт Брауншвајг, дури и единствената фотографија од настапот за Пари Сен Жермен. Неговиот несуден клуб, каде што ќе го заменеше Ивица Шурјак на левокрилната позиција, а ќе везеа заедно на теренот со легендарниот Сафет Сушиќ… Нему посебно драга му беше и фотографијата во која кадетот Рингов е дел од кошаркарска струмичка екипа, која го победила силниот Работнички во Скопје, и тоа пред да го убедат посериозно да заигра фудбал за Беласица. И покрај тоа што темпераментниот тинејџер не сакаше многу да се валка по калта.

На екранот се редеа и насловите од новинарските рецензии на неговиот фудбалски ракопис во неделниците „Скок“, „Темпо“, „Спортске новости“, во македонските дневни весници…

Во присуство на повеќето вардарови современици на Рингов, но и негови претходници и продолжувачи на фудбалскиот опус, накусо беше претставена книгата – како искрена, едноставна, искажана без влакно на јазикот. Изборот на авторот токму Рингов низ страниците да „зборува“ во прво лице еднина беше еден вид поствелигденско „воскресение“ на фудбалскиот бог од Струмица. Ивановиќ преку возбудливите приказни извонредно ја доловува живоста на нескротливиот дриблер, размислата на волшебниот неимар на нафрлените топки, но и „бомбардерот“ што постигна 93 гола за почит само во дресот на Вардар.

Токму претходниот роман на Ивановиќ „Писма од лудница“, загадочен политички трилер што се занимава со мистиката на поранешна Југославија, беше поттик Рингов за раскажувач на неговата биографија да го одбере нашиот колега. И во ова навраќање во 70-тите и 80-тите години на изминатиот век, Ивановиќ умешно маневрира низ удбашко-мафијашките лавиринти во елитниот југословенски фудбал. Полициско-армиските моќници во управите на клубовите како „успешни“ клупски менаџери, според сведоштвото на Рингов, манипулирале со наместени натпревари, сомнителни трансфери на играчи, скриени исплати во кеш во кожени торби и врски со подземјето во годините на опасно живеење во предвоена СФРЈ.

Во такво општествено милје, Рингов можеше да остане само фудбалер во сенка – никогаш не стана репрезентативец на Југославија. Поради тие што го кроеја фудбалот „од дебела сенка“ и беа пречка играчот кого го биеше глас дека сака да игра само под сенка, но вредно работеше и со дела го докажуваше спротивното. Остана во сенка на одбраните, а заслужуваше многу повеќе.

Но беше почитуван како играч – од славниот, како што го нарекува – „домобран“ Стјепан Бобек, преку несфатениот поборник на тоталниот фудбал Велибор Васовиќ во Партизан каде што не стана првотимец како 17-годишник, чудотворецот во Вардар Вукашин Вишњевац, до маестралниот Ќиро Блажевиќ, кој вмеша прсти да го донесе во Динамо Загреб, одземајќи му ја шансата да се докаже во гигантот ПСЖ.

Васил Рингов ќе остане запаметен по многу нешта. Како што дел од колективната меморија остана неговиот гол на натпреварот против Трепча, со кој Вардар по многу години како второлигаш се врати во силната југословенска Прва лига. Тој му беше единствениот со глава на играчот кој играше, пред сè, со глава!

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот