Најстариот фосил од комарец ги изненади научниците: Ова е големо откритие

Фото: Xinhua / Xinhua News / Profimedia

Стотици илјади луѓе ширум светот секоја година се заразуваат со маларија и други болести кои се пренесуваат со каснување од комарци, инсекти од ерата на диносаурусите. Досега беше познато дека само женките-комарци касаат, сè до откривањето на најстариот фосил кој на научниците им донесе изненадување, пишува „Еурекалерт“.

Научниците ги открија најстарите фосили од комарци – два мажјаци во парче килибар старо 130 милиони години од периодот на креда, пронајдено во близина на градот Хаман во Либан. На нивно изненадување, мажјаците имале издолжена уста која им дозволувала да цицаат, што денес го имаат само женките-комарци.

„Сосема е јасно дека биле хематофаг. Ова е големо откритие во еволутивната историја на комарците“, рече Дени Азар, главен автор на студијата.

Двата фосилизирани комарци, кои припаѓаат на ист вид, по големина и изглед наликуваат на модерни комарци, иако нивните усти што цицаат крв се пократки од оние на денешните женки.

„Комарците се најпознатите човечки крвопијци и пренесуваат некои паразити и болести. Само оплодените женски комарци цицаат крв бидејќи им требаат протеини за да развијат јајца. Мажјаците и неоплодените женки се хранат со нектарот на некои растенија, а некои мажјаци воопшто не се ни хранат“, објаснува Азар.

Некои летечки инсекти – на пример цеце муви, имаат мажјак кој е хематофаг. Но не и денешните комарци.

„Откривањето на машки комарец кој бил хематофаг во периодот на Креда е навистина изненадувачки“, вели палеонтологот Андре Нел и коавтор на студијата.

Фината анатомија на двајцата мажјаци е брилијантно зачувана во килибар. И двете имаат исклучително остра триаголна анатомија на вилицата и издолжена структура со испакнатини слични на забите. Научниците веруваат дека комарците еволуирале од инсекти кои не цицаат крв. Нивната претпоставка е дека устата првично била прилагодена за цицање на растителен нектар.

Еволуцијата на растенијата веројатно одиграла улога во правењето различни машки и женски комарци денес. Во времето кога двата комарци останале замрзнати во смолата на дрвото, која на крајот се претворила во килибар, цветните растенија штотуку започнале да се појавуваат во периодот на Креда.

„Веруваме дека сите инсекти кои станале хематофаги се префрлиле на крв бидејќи првично цицале растенија“, вели Азар.

Според неговата хипотеза, промената настанала со појавата на цветни растенија, што одговара на периодот на килибарот пронајден кај фосилите на два комарци.

Иако фосилите пронајдени во Либан се најстарите фосили од комарци, научниците веруваат дека комарците се појавиле пред милиони години. Молекуларните докази сугерираат дека комарците се појавиле во периодот Јура, пред 200 до 145 милиони години.

Во светот има повеќе од 3.500 видови комарци и ги има насекаде освен Антарктикот. Некои од нив пренесуваат болести како маларија, жолта треска, зика треска, денга треска.

Според Светската здравствена организација (СЗО), повеќе од 400.000 луѓе годишно умираат од маларија, паразитска инфекција, а најчести жртви се децата помлади од пет години.

Од друга страна, комарците помагаат за прочистување на водата во бари, езера и реките.

Научната студија беше објавена во списанието „Кјурент бајолоџи“(Current Biology).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот