Плакат за промоцијата на стихозбирката „Чисто ноќно небо“

Најновата стихозбирка „Чисто ноќно небо“ од Зоран Јакимовски ќе има промоција на Саемот на книга

Во промотивниот центар во рамки на Саемот на книгата 2026 (арена „Борис Трајковски“, Скопје) на 28 април, со почеток во 15 часот, ќе се одржи промоцијата на најновата стихозбирка од Зоран Јакимоски ‒ „Чисто ноќно небо“, издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје.

Книгата ќе ја промовира Лидија Димковска, а разговорот со авторот ќе го модерира Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.

Изданието е поддржано од Министерството за култура и туризам.

– Смелоста за моќна и сугестивна, алузивна и длабински мотивирана метафорика и згуснатите лирски пластови се само дел од стратешките потези и креативни алатки со чија помош Зоран Јакимоски ја издигнува и потврдува сопствената лирска зрелост.

Во овој контекст е и најновата поетска книга на овој поет „Чисто ноќно небо“. Радува впечатокот што во оваа најнова поетска книга, проткаена со интелектуална, филозофска и креативна длабочина, се потврдуваат високите поетски достоинства на овој исклучителен поет и се истакнуваат во повеќеслојниот, алузивен наслов кој се доближува до темелните симболи.

Ваквата асоцијативна густина ги поткрепува лирските единици, ја вжештува магичната атмосфера, ги полни со озраченоста на ефектите на неочекуваните, но длабоко мотивирани и втемелени потези, кои со јазичната озвученост на читателот му нудат поетско доживување од највисок лирски ред.

И во оваа книга Зоран Јакимоски ја остварува за него препознатливата рафинираност на изборот и подреденоста на темите од кои создава цврста внатрешна архитектоника на делото, каква што е ретка во македонската книжевна продукција ‒ напиша поетот Славе Ѓорѓо Димоски.

Зоран Јакимоски е роден во 1968 г. во Велестово, Охрид. Автор е на стихозбирките: „Граматика на поривот“ (1994), „Совршен молк“ (2001), „Зборот неизречен“ (2004 и 2022), „Влажна месечина“ (2010), „Морето се мурти“ (2010), „Ништо не е недостижно“ (2014), „Задачите се зададени“ (2017), „Официјални документи за нас“ (2017), „Јазикот што само ние го разбираме“ (2024), „Чисто ноќно небо“ (2026) и уште: „Без изговори“ (избор песни, 2020), „Побуди и белешки“ (критичко-есеистичка, 2021), „Сон, јаве или привид“ (2022), како и книгата за деца „Големиот слон лета дрон“ (2024).

Негови песни се препеани речиси на сите балкански јазици, но и на: англиски, полски, украински и др. Самиот има препејувано од хрватски, српски и бугарски на македонски. Добитник е на повеќе награди, од кои најзначајни се: наградата „Млада Струга“ (1995) и „Јован Котески“ (2017). Застапуван е во повеќе избори и антологии објавени во Македонија и во странство. Член е на ДПМ од 2012 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот