Пензионери / Илустративна фотографија: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Најниските пензии пак остануваат ниски

Од Партијата на пензионери велат дека и нивните залагања биле да има поголемо покачување на минималните пензии, но дека правните експерти им укажале дека такво законско решение може да падне на Уставен суд.

Висината на пензиите веќе се зголеми, а ново покачување ќе има во октомври. Од друга страна, ќе има три еднократни финансиски инјекции од по 1.000 денари. Вкупно, според пресметките на премиерот Димитар Ковачевски, оваа година, во просек, пензионерите ќе земат по 12.000 денари повеќе отколку лани. Но, пензионерите со ниски пензии жестоко реагираат на социјалните мрежи дека многумина од нив имаат пензии под просек и бараат скалесто зголемување на пензиите.

„Ако на тие со 16.000 денари им ја покачите пензијата 900 денари, што не кажете колку ќе има ја покачите на оние со 10.000 денари, а колку на оние со 60.000 денари“, „Некому 500, неколку 900, а некому 3.000, навистина добро покачување… За вакво ли покачување на минимални пензии зборувате“, „А тие што имаат под просек пензија, што со нив, можело некој паметно да ни објасни“, се дел од статусите на граѓаните на официјалната фејсбук-страница на Владата, под објавата за растот на пензиите.

Јануарската просечна пензија во државата била 16.297 денари. Најнискиот износ на пензија е  10.276 денари, а ваква пензија земаат 3.143 пензионери. Податоците од Фондот за ПИОМ покажуваат и дека 47,71 отсто од пензионерите земаат пензија до 14.000 денари, од 14.001 до 18.000 денари пензија земаат 21,26 проценти од пензионерите, а над 18.001 денар е пензијата на 31 отсто од пензионерите. Највисоките пензии се движат од 43.465 денари до 59.674 денари, во зависност од годината кога се пензионирале, а нив ги имаат 1.139 пензионери. Вкупниот број пензионери, пак, бил 326.841.

Од Партијата на пензионери велат дека и нивните залагања биле да има поголемо покачување на минималните пензии, но дека правните експерти им укажале дека такво законско решение може да падне на Уставен суд.

– Пензијата не е социјална категорија. Таа е економска категорија. Тоа значи дека некогаш некој издвојувал пари за да зема соодветна пензија. Затоа не може да има таков закон што на едни ќе им ја зголеми пензијата повеќе, а на други помалку. Тоа би значело дискриминација на пензионерите во однос на користењето на своето право за усогласување на пензиите. Такво законско решение, доколку некој го оспори, а голема веројатност е тоа да се случи, постои голема опасност да падне на Уставен суд. Тоа, пак, би значело повторно менување на законите и наместо сите да земат покачување, сите би ја чекале регулативата – вели Миле Андоновски, генерален секретар на Партијата на пензионери.

И економистите се согласуваат дека пензиите се економска категорија и како такви треба да се третираат и соодветно да се индексираат за да не ја загубат својата вредност. Но, тие потсетуваат дека повремено е можно да се интервенира преку социјални фондови, како помош за одредена категорија пензионери.  Дел од нив велат дека, на пример, сега наместо сите да земаат три месеци по 1.000 денари, можно било на оние со најниските примања да им се даде најголема еднократна помош, а на оние до просечната пензија помала помош, додека оние со највисоките пензии да се изземат од овие еднократни финансиски инјекции.

Од Партијата на пензионери, пак, објаснуваат дека голем дел од пензионерите се со пензии под просечната, а дека многу малку пензионери земаат највисоки пензии и затоа се сложиле со решението на Владата според кое сите ќе добијат по 1.000 денари во април, мај и во јуни. Овој износ нема да влезе во пензиската основица.

ИНФОГРАФИК: Како Ковачевски го пресмета просечното годишно зголемување на пензиите од 12.000 денари?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот