Најмузикалниот народ
Вистинско вдахновение од музичката традиција се случува само со духовна свесност, самокритичност и растовареност од националистичко бреме. Вдахновени можеме да бидеме од секоја традиција бидејќи не постои сопственост на светското културно наследство.
„Да имате вредности, а да немате критериуми, тоа ви е вистинската слика на пеколот“.
Владимир Пиштало
Препорачано
Дали традицијата треба да се одржува со цел да се зачува автентичноста, или, пак, да се експлоатира без нималку свесност дека со експлоатацијата се губи автентичноста? Чуму традиција без автентичност?
Естрадизацијата и интелектуализирањето „култивирањето“ на музичкиот фолклор се фабрика за вештачки сокови веднаш до планински извор во кој би се растворале овошните екстракти со најмодерна технологија.
Зарем естрадизирањето и „култивирањето“ на македонскиот музички фолклор не се чист автоколонијализам? Од поодамна македонскиот музички фолклор најчесто се набљудува од точка на еден целосно глобализиран Македонец, кој стремејќи се кон колонијалистичката етикета „World Music“ смета дека стилските и технолошки интервенции во традиционалната македонска музика му помагаат полесно да се доближи до неговиот, веќе одамна креативно импотентен господар од Запад, не помислувајќи дека за господарот од Запад, автентичноста не претставува ништо освен еден потенцијален бизнис проект, во кој, комерцијалниот интерес би му бил насочен исклучиво кон традиционалните музички ансамбли и солисти што изворно го интерпретираат фолклорот, наспроти прагматичните музички интервенции (конструкции) на македонскиот вазал, научени токму од господарот од Запад кому цели да му ги продаде.
Како денес би знаеле нешто за сопствената богата музичка традиција и за нејзините знаменитости и личности, кога етерот е преплавен со музички феудалци, квазипатриоти, кои везден повторуваат само неколку од илјадниците македонски народни песни, експлоатирајќи ги до степен на музичка лага, а со тенденција кон гламур, претворајќи ги во музичка бижутерија.
Седумосминскиот такт, пак, стана главна флоскула на македонската малограѓанштина, без да се има поим дека седумосминскиот такт е присутен во стотици други традиционални музики, особено во земји под екваторот и дека тој не е исклучиво македонска карактеристика.
Она што можеме да го издвоиме како македонска музичка карактеристика е доминирањето на хемиолата (ритмичка фигура која е вообичаена во троделни тактови, како што се 3/4 или 6/8 такт) и нејзиниот контекст во нерамноделните тактови, што, пак, доаѓа од ритамот во јазикот. Хемиолата содржана во македонскиот јазик ритмички се совпаѓа со хемиолата во македонската музика: „Билјана дојде мајко, Стојан си ојде“. Оваа реченица природно звучи во дванаесетосмински такт и во неа има две хемиоли: „Билјана“ и „Стојан си“.
Хемиолата присутна во бугарската музика, не се совпаѓа со хемиолата во бугарскиот јазик, а пак, присуството на истата во српскохрватскиот јазик се разликува во ритмичкиот контекст во јазикот и по отсуството на членот во српскохрватскиот јазик.
Хемиолата, заедно со нејзиниот ритмички контекст во јазикот, е еден од доказите за автентичноста на македонскиот јазик, а оттаму и доказ за автентичноста на македонската музика, за разлика од бугарската.
Целосно автохтона музика не постои, а за тоа сведочи и присуството на мелодиските влијанија од турскиот Фасил во македонската Чалгија, кои, пак, се преземени од арапските маками.
Вистинско вдахновение од музичката традиција се случува само со духовна свесност, самокритичност и растовареност од националистичко бреме. Вдахновени можеме да бидеме од секоја традиција бидејќи не постои сопственост на светското културно наследство.
Карактеристично за денешниот музички феудалец е целосното отсуство на скромност, самокритичност, критериум, како и создавање амбиент на посебност, во кој тој се себедоживува исклучиво како центар, почеток и крај, и со комерцијална цел, несвесно ги закопува сета, веќе постоечка музичка посебност, како и ликот и делото на оние кои зад себе оставиле непроценливо музичко благо.
Во тој амбиент на посебност се создаде генерализацијата – Најмузикалниот Народ. Најмузикален народ кој на секој митинг, слава или веселба, каде што најчесто го пее стариот новокомпониран хит „Бисер Балкански“, дурскиот квартсекстакорд во познатиот рефрен, повеќе од триесет години не го отпеал интонациски точно, туку неартикулирано, небаре самогласката „Е“ предизвикува ненадеен атонален распад на песната, за разлика, пак, од Бразил, (кога веќе генерализираме) каде на концертите на Жобим, Велосо, Жилберто… кога публиката пее заедно со изведувачите, или, пак, сама, резултатот е како публиката да имала барем пет проби пред концертот.
Да не забораваме дека сите традиционални песни и ора не сме ги создале ние, сите Македонци, до еден, туку секоја песна и оро си има свој автор, чие име денес го знае само Бог.
Оттука, богатото македонско музичко наследство е наша обврска, а не заслуга.
Она со што можевме да се гордееме, а се систематизираше во бившата СФРЈ, одамна не го зачувавме и дозволивме македонската музичка традиција да замине во духовна ентропија.
Дали нам воопшто ни е важна традицијата?
Став
(Авторот е композитор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


