„Најлошата мајка во Австралија“ која неправедно помина 20 години во затвор за смртта на децата, доби само милион евра оштета
Кетлин Фолбиг, жената некогаш наречена „најлошата мајка во Австралија“, ќе добие отштета за 20 години поминати во затвор, откако со генетски истражувања падна обвинението со кое беше осудена за смртта на нејзините четири деца во 2003 година.
Препорачано
Кетлин Фолбиг е ослободена во 2023 година откако судска ревизија на нејзиниот случај откри дека бебињата можеби починале од генетска состојба. Правните експерти проценија дека 58-годишната жена би можела да добие една од највисоките суми за отштета во историјата на Австралија, можеби повеќе од 10 милиони долари.
Според Би-би-си, адвокатот на Фолбиг изјавил дека ѝ биле понудени 1.116.598 евра отштета за нејзините 20 години неправедно затворање, нарекувајќи ја сумата „нефер“ и „неразумна“.
„Понудената сума е морален скандал – целосно несоодветна и морално неоправдана. Системот повторно ја изневери Кетлин Фолбиг“, изјави адвокатката Рејни Рего.
Во соопштението, главниот обвинител на Нов Јужен Велс, Мајкл Дејли, изјавил дека одлуката е заснована на „темелен и обемен“ преглед на барањето за отштета на Фолбиг.
„На барање на г-ѓа Фолбиг, главниот обвинител и владата се согласиле да не ги објавуваат деталите од одлуката“, се вели во соопштението.
Четирите мали деца на Кетлин Фолбиг – Кејлеб, Патрик, Сара и Лора – починаа ненадејно помеѓу 1989 и 1999 година, на возраст помеѓу 19 дена и 18 месеци.
Обвинителите на нејзиното судење тврдеа дека таа ги удавила, потпирајќи се на индиректни докази – вклучувајќи ги и дневниците на Кетлин Фолбиг – за да ја прикажат како нестабилна мајка склона кон напади на бес.
Во 2003 година, таа беше осудена на 40 години затвор за убиствата на Сара, Патрик и Лора, како и за убиството од небрежност на Кејлеб, казна подоцна намалена на 30 години.
Кетлин Фолбиг од самиот почеток тврдеше дека е невина, а во 2023 година, значајна истрага за нејзиниот случај заклучи дека нејзините деца можеби починале од природни причини поради екстремно ретки генетски мутации.
Македонскиот професор по генетика Тодор Арсов беше дел од тимот на истражувачи во Австралија кои докажаа дека децата имале генетско нарушување „Синдром или нагло необјаснета смрт во детството“.
Арсов во тоа време живеел и бил на австралискиот национален универзитет каде што работел со професорката Карола Винуеса, која денеска работи во Лондон, Англија и биле повикани од адвокатскиот тим на Фолбиг да најдат биолошко објаснување за смртта на децата. Професорите Арсов и Винуеса веќе работеле на таков случај каде што истражувале речиси идентичен случај на смрт кај деца во семејство од Македонија.
Адвокатката Рејни Рего рече дека надоместокот што ѝ бил понуден на Кетлин не го одразува страдањето што го претрпела.
„Кога Линди Чемберлен беше ослободена во 1994 година, таа доби 1,7 милиони долари за трите години што ги помина во затвор“, рече таа, осврнувајќи се на друга мајка која беше погрешно осудена за убиство откако нејзината мала ќерка беше грабната од камп во дивината од страна на динго.


