Најдобрите македонски одбојкари ќе дебитираат во Европската златна лига

Европската златна лига е новиот предизвик за македонските одбојкари/фото: facebook/Одбојкарска федерација на Македонија

Следната 2023 ќе биде уште една година за наша репрезентативна одбојкарска историја откако Одбојкарската федерација на Македонија реши да пријави настап на двата сениорски национални состава во годишните натпреварувања на ЦЕВ.

По четири сребрени медали и две бронзи најпрво во единствената Европска, а потоа во таканаречената Европска сребрена лига, машката сениорска селекција на Македонија за првпат ќе игра во Европската златна лига. Во групата „Б“, „црвено-жолтите“ ќе ги одмерат силите со Украина, Белгија и Хрватска, а пресметките со овие силни репрезентации ќе послужат како подготовка за учеството на Европското првенство на коешто коорганизатор ќе биде и нашата земја.

Во лигашкиот систем од 27 мај до 18 јуни, редоследно ќе играме против Украина на гости во Полска, па со Белгија и со Хрватска во Скопје. Потоа, ќе гостуваме во Белгија и во Хрватска, а групата ќе ја завршиме со домашен меч против Украина. Повеќе ТУКА

Во групата „А“ се селекциите на Турција, Португалија, Романија и Данска, а во групата „Ц“ репрезентациите на Финска, Чешка, Словачка и Естонија. Првопласираните селекции од трите конкуренции ќе обезбедат место на завршниот турнир кој ќе се организира во Хрватска на 24 и 25 јуни 2023.

Македонските одбојкарки за првпат ќе играат во Европската сребрена лига/фото: facebook.com/volleyballmkd

Во истиот период, македонската женска сениорска одбојкарска репрезентација првпат ќе исчекори на оваа меѓународна сцена. По годинашната организација на континенталниот собир за одбојкарки до 19 години, ОФМ го пријави сениорскиот тим во Европската сребрена лига, а во деби настапот, Македонија ќе игра во групата „А“ со Австрија, Естонија и Летонија.

Во групата „Б“ се Црна Гора, Португалија, Грузија и Фарски острови. Како и кај одбојкарите, системот е лигашки, што значи дека ќе има шест средби, дома и на гости. Завршниот турнир е закажан во Австрија на 24 и на 25 јуни 2023.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот