Националниот парк Шара нема вработени, на мештаните нема кој да им даде дозвола да ја сечат сопствената шума

Националниот парк, наместо да им донесе бенефит, на мештаните од шарпланинските села им го ускрати правото да ги користат приватните шуми. Велат дека пред грејната сезона побарале од Националниот парк Шар Планина дозвола да сечат во приватни атари, но оттаму добиле одговор дека немаат вработен, кој би им дал таква дозвола.

Во исто време, тие добиле закана дека ако се обидат да влезат во својата шума, да ја сечат и да ја транспортираат, ќе бидат казнети .

„Директорот на Националниот парк вели: немам вработени, нема ренџери, нема луѓе за на терен. Според мене, избрзаа со одлуката за прогласување на Национален парк, оти во Јеловјане 80% е приватна шумата. Со нас мештаните од менаџерскиот тим на Националниот парк немале никакви консултации, требале тука да дојдат, да нѐ консултираат. Немаме само ние проблеми, проблеми имаат во Ново Село, Урвич, Новаке и други села, сите. Сега иде зима, ова е Шара, може утре да падне снег, може да има снег и до два метра. Овде луѓето кои живеат претежно се социјални случаи, немаат пари сега да купуваат дрва од Тетово, треба да им ги донесат и превоз да платат, а имаат тука свои дрва од дедо, прадедо, нивна шума, а не можат да сечат. Не доаѓаат трактористите да сечат дрва, оти немаат дозвола. Се обратив до пограничната полиција, ми рекоа: без дозвола не смеете и ми се заканија дека ќе ми поднесат кривична пријава ако ги понесам луѓето да сечат дрвја“, изјави Џевдет Халими од месната заедница од Јеловјане.

И жителите од соседното село Урвич ги имаат истите маки.Сафет Фетаи вели дека бил на печалба во странство. Кого дошол во родното село Урвич, се разочарал кога видел дека дел од неговата приватна шума му ја исекле дрвокрадци. Дел од дрвјата ги украле, а дел ги оставиле на неговиот имот. Сакав да ги земам барем тие дрвја што останаа и да го донесам дома, но и за тоа не можам да добијам дозвола, вели Фетаи

„Замислете, не ми дозволуваат во моја шума да берам дрвја, а други ми ги крадат. Сега не ми даваат ниту документ да ги однесам тие дрвја кои останаа, не знам кај да се обратам.На трактористот му бараат извозница, а извозница никој не дава“, изјави Сафет Фетаи.

Мештаните бараат друга институција да им издава решенија за користење на приватната шума.

„Решението жителите на Јеловјане го гледаат во тоа да се изнајде институција која ќе дава дозволи, односно да се постапува како до лани што се постапувало. Македонски шуми да издава дозволи, ако Националниот парк нема луѓе кои би го сработиле тоа“, истакнаа од месната заедница.

Ибрахим Дехари од Националниот парк Шар Планина, вели дека како институција не можат да дадат одобрение за сеча, оти немаат вработени. Објавен е оглас за шумарски инжинери, кој ќе ги дава дозволите на мештаните, кои имаат приватна шума. Постапката се одолжила, оти Министерството за финансии, дури сега одобри вработувања за Националниот парк, вели Дехари.

„Кога ќе се затвори огласот ќе има вработени за давање дозвола за сеча, но нормално ќе сечат тие кои ги исполнуваат условите, кои имаат имотни листови. Се чека вработен значи шумарски инжинер, кој ќе ги потпишува тие решенија.Тој што има имотен лист ќе треба да дојде до нашата установа, седиштето ни е во Тетово кај поранешната Жичара. Лицето треба да поднесе барање, ќе излезе шумарскиот инжинер и ако исполнува услови, тој добива дозвола за сеча и за транспорт на дрвјата“, вели директорот Дехари<

Приватната шума во строгите заштитени подрачја на Шара, мештаните ќе немаат право да ја сечат, но државата како компензација има обврска да му обезбеди дрвна маса од друго место, додаде Дехари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот