Националниот џез-оркестар во 2025: Година на раст, фантастични соработки и нови хоризонти
Исклучително квалитетна, репрезентативна и разновидна програма оствари Националниот џез-оркестар во 2025 година, а на почетокот на новата направивме резиме на претходната концертна сезона.
Препорачано
Националниот џез-оркестар во 2025 ја заокружи својата втора година како национална установа. Во текот на годината, оркестарот реализираше обемна и програмски разновидна концертна сезона, остварувајќи значајни меѓународни соработки и настап на престижни сцени.
Сезоната беше отворена со концертот „Џез лектира: Quintessence by Quincy Jones“, а продолжи со „Кубан фајр“ (Cuban fire) – омаж на Стен Кентон и моќна фузија на биг-бенд звукот и латино естетиката, под водство на диригентот Зиги Фајгл. Посебен емотивен белег остави хуманитарниот концерт со португалската пејачка Марија Мендеш, на кој средствата од продадените билети беа целосно донирани за поддршка на семејствата на настраданите во трагичниот пожар во Кочани.

Меѓународниот ден на џезот оркестарот традиционално го одбележа со фестивалот „Today It’s All About Jazz“, реализиран на две локации – во Македонскиот народен театар и во паркот „Ибни Пајко“, со посебно внимание на најмладите преку работилницата „Џез за деца“.
– Сезоната ја одбележаа средби со врвни светски музичари. Одржавме концерти со американскиот саксофонист Дони МекКаслин и со еден од најзначајните современи џез-гитаристи, Курт Розенвинкел. За првпат настапивме на Скопје џез-фестивал, отворајќи го неговото 44. издание, со специјални гости Зиги Фајгл и Луис Бониља. Врвот на нашата сезона беше концертот со легендарниот состав „Јелоуџекетс“ под водство на Боб Минцер. Ретките концерти на овој култен ансамбл во овој дел од Европа го претворија нашиот заеднички настап во значаен регионален културен настан – истакнуваат од Националниот џез-оркестар.

Во рамки на фестивалот „Охридско лето“, оркестарот одржа концерт со специјален гостин – култниот нигериски музичар и најмладиот син на пионерот на афробитот Фела Кути, Шеун Кути.
Следуваше значајно гостување на фестивалот „Сплитско лето“ во импозантниот историски амбиент на Перистилот. Заедно со Марија Мендеш, нашиот оркестар настапи пред целосно исполнет простор, а концертот предизвика исклучително позитивен медиумски одек.

Во текот на годината оркестарот одржа и концерти на отворено, меѓу кои настапот по повод одбележувањето на 30 години дипломатски односи меѓу Македонија и САД, како и низа настапи во рамки на национални културни манифестации низ земјата. Националниот џез-оркестар со свечен концерт ја отвори манифестацијата „Гевгелија – град на културата за 2025 година“, настапи на Штипското културно лето со програма специјално подготвена за оваа пригода, како и со концерт по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
Во рамки на одбележувањето на државниот празник „11 Октомври“ – Ден на народното востание, оркестарот учествуваше во свечената програма во НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, со настап што го истакна историското и државното значење на празникот. Продолжувајќи ја успешната традиција на соработка меѓу младите таленти и Националниот џез-оркестар се одржаа заеднички концерти со студентите од ФМУ – Скопје и Џез академија – Штип.

На меѓународен план најзначаен исчекор беше турнејата „Македонски сновиденија“, на која македонската современа џез-музика беше претставена на европската сцена. Заедно со диригентот Владимир Николов, Националниот џез-оркестар однесе дел од македонскиот музички пејзаж во срцето на Европа – Будимпешта, Прага и Виена.
Турнејата почна на 12 ноември во „Аула Магна хол (ЕЛТЕ)“ во Будимпешта, продолжи на 14 ноември во културниот центар „Ла Фабрика“ во Прага, а кулминираше на 17 ноември во легендарниот виенски џез-клуб „Порги и Бес“, едно од најценетите места на европската џез-сцена. На секоја од овие сцени, македонските музичари беа пречекани со внимание, љубопитност и искрен ентузијазам.
Пред крајот на годината оркестарот настапи во преполната сала на Македонската филхармонија на фантастичен концерт заедно со балканските рок-легенди Дарко Рундек, Рамбо Амадеус и Влатко Стефановски. Концертот „Рокенрол во џезот“ беше распродаден за рекордни пет дена!

Сосема на крајот од годината оркестарот одржа новогодишен детски џез-концерт со наслов „Националниот џез-оркестар во Светот на Биби“. Со три изведби и полни сали, концертот создаде празнична атмосфера исполнета со детска радост. На сцената настапија 80 музичари, актери и деца, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.
Иако е една од најмладите национални установи во државата, Националниот џез-оркестар со цврсти и решителни чекори оди напред, го гради својот имиџ и не дозволува компромиси на програмски план. За својот брзорастечки успех тие упатуваат благодарност до публиката, која веднаш го препозна квалитетот и им довери бескрајна доверба.
Националниот џез-оркестар упати благодарност до сите уметници, солисти, диригенти и соработници – за инспирацијата и заедничката енергија, како и до Министерството за култура и туризам – за поддршката и континуираната грижа за развојот на џез-културата. За 2026 година оркестарот подготвува нови звуци, нови соработки и уште поголеми музички средби.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 314, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.1.2026)


