Плакат за концертот на Националниот џез-оркестар со Мајк Холобер

Националниот џез-оркестар има ексклузивна можност да одржи концерт со врвниот музичар Мајк Холобер

Националниот џез-оркестар на 18 март, во 20 часот, во Националната опера и балет, ќе ја има ексклузивната чест да го изведе најновиот проект на Мајк Холобер со наслов „This Rock We’re On: Imaginary Letters“, под диригентство на самиот автор.

Мајк Холобер е еден од најзначајните современи џез композитори и аранжери, препознатлив по својата виртуозност, изразена оркестарска визија и длабока музичка чувствителност. Неговиот проект „This Rock We’re On: Imaginary Letters“ е оценет како „монументално ремек-дело“ и „мајсторска лекција по композиција за џез-оркестар“.

Во ова дело, Холобер создава впечатлив спој на два музички света, вметнувајќи ја суптилната естетика на современата класична музика, нагласена преку интимната камерна звучност на виолончелото, пијаното, вибрафонот и вокалот, во моќната и динамична енергија на биг-бендот.

Делото претставува длабока уметничка рефлексија за убавината на природата и судбината на планетата. Конципирано е како циклус од таканаречени „замислени писма“ посветени на писатели, уметници и активисти кои својот живот го поминале во восхит и грижа за планетата. Секое „писмо“ е проследено со инструментална оркестарска интерпретација што ја продлабочува и музички ја отсликува неговата содржина и поетска димензија.

Како солисти на концертот ќе настапат Андријана Јаневска (вокал), Кирил Јосифов (виолончело) и Влатко Нушев (вибрафон и перкусии), додека како гости ќе настапат и младите вокални солисти Лени Туфекчиевска и Нино Наумовски.

Овој концерт претставува ретка можност да се доживее комплексноста и длабочината на проектот на Холобер во живо, под негово диригентство, во изведба на Националниот џез-оркестар и гостите-солисти.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 324, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.3.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот