На судењето за „27 април” сведочеше поранешниот градоначалник на Бутел, Петре Латиновски

Со сослушување сведоци на одбраната денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за организаторите на случувањата на 27 април 2017 година.

Прв беше сослушан Петре Латиновски, кој рече дека во периодот 2016-2017 година додека бил градоначалник на општина Бутел во рамки на градскиот комитет, како тело, немале никогаш воопшто дискутирано за протестите „За заедничка Македонија”.

Латиновски, категорично негираше дека имал апсолутно некаков контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски за протестите на „За заедничка Македонија”, и рече дека доколку се најде и еден доказ за тоа, би сакал и тој да се најде од другата страна на судницата.

Прашан дали имал организирано вработени од општината за да учествуваат на протестите пред Собранието, Латиновски рече дека такво нешто ниту правел, нити пак имал сознанија за такво нешто.

– Никаков притисок кон ниту еден вработен немам направено, ниту ми паднало нешто такво на памет. Ниту пак сум имал сознанија за такво нешто, рече Латиновски.

Потоа беше сослушан советник и претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, кој рече дека никогаш немале разговарано, ниту донесено некаков став во врска со протестите на “За заедничка Македонија”.

Сведокот, исто така, рече дека никогаш немал контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во врска со протестите пред Собранието. На денешното рочиште се повикани повеќе сведоци, предложени од одбраната на Миле Јанакиески.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот