На Онкологија биолошката терапија погрешно се давала на ден пред умирање, но и се „штанцала на лента“ на секои 7 дена

Онкологија /Фото: / ''Слободен печат''/ Слободан Ѓуриќ

Обвинителството отвори истрага за четворица доктори од Клиниката за онкологија кои работат на одделите со пациенти што имаат рак на дојка и рак на бели дробови, како и за поранешниот економски директор Нехат Нухи.  Нино Васев е еден од докторите од одделот за карцином на дојка опфатен со истрагата а кој истовремено бил и директор на Клиниката. Кривичните дела за кои се осомничени екс-директорите и уште тројца доктори се злоупотреба на службената положба и овластување, измама во службата и помагање во измамата.

Според сознанија на „Слободен печат“, во предистрагата на Обвинителството при прегледувањето на медицинските истории на онколошките пациенти учествувале и експерти-онколози од Словенија и еден од Македонија. Било забележано фиктивно испумпување на лекови, односно фиктивно претставување дека лекови „се издадени“, иако тоа не било медицински можно.

На пример, доколку некоја биолошка терапија како на пример „кејтруда“, треба да се дава на 21 ден, во некои медицински истории таа се издавала на секои 7 дена и покрај тоа што пациентот медицински и биолошки не би можел да прима толку многу дози за така краток временски период и да остане жив. Што се случило со тие така фиктивно претставувани терапии како издадени не е познато, но досега Обвинителството нема докази дека завршиле во Косово. Постојат само докази дека биле препишувани повеќе дози отколку што треба според медицинската индикација.

Понатаму, откриено е дека имало пациенти на кои им била издавана скапа биолошка и имунолошка терапија еден ден пред смртта, кога медицински е познато, според стадиумот на болеста и состојбата во која се наоѓале овие пациенти – дека ваква терапија нема да делува и нема да се развие механизам на дејство на лекот. Немало препишана терапија на име на починати пациенти, но имало препишано лекови на еден ден пред смртта. Во еден случај имало дури осум дози вишок од биолошката и имунолошката терапија. Инаку, една доза е 3.600 евра.

– Ова не значи дека терапијата е кратена или не е давана, туку дека е требувана вишок терапија на име на пациентите. Издавани се лекови на ден пред смртта на пациентот, кога било очигледно дека лекот нема да има корист поради состојбата и статусот на пациентот. Дали се давани или не се давани, не може да тврдиме, изјави јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска.

Во предистрагата на Јавното обвинителство прегледани се 500 медицински истории и 25 илјади електронски записи.

Според Јавното обвинителство, организацискиот и медицинскиот директор Нехат Нухи и Никола Васев се сомничат дека набавувале лекови на реверс без да имаат согласност од Фондот за здравство и при постапката не се почитувало начелото на конкуренција. Веледрогеријата веќе им имала дадено лекови на реверс за користење на Клиниката за онкологија, пред да биде распишан тендерот и пред да биде одобрена јавната набавка, па така се создавал предуслов таа компанија „да мора“ да го добие тендерот.

Поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија доктор Никола Васев е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, поврзани со 7 јавни набавки, и за едно кривично дело „измама во службата“. Поранешниот економски директор Нехат Нухи чија мајка се лекуваше на Клиниката без потврдена дијагноза за карцином, е осомничен за измама во службата. Останатите тројца лекари Мери Пешевска, Драган Јакимовски и Симонида Црвенкова се осомничени за помагање во измама во службата.

До Основниот кривичен суд Обвинителството поднесе предлог на Никола Васев и Нехат Нухи да им се забрани да го напуштаат живеалиштето и да им се задржи пасошот за да не можат да ја напуштат земјата, а Васев исто така да биде оддалечен од работното место. Тројцата онколози може да одат на работа и за нив не се побарани мерки, зашто нема да има кој да ги лекува пациентите.

Исправка: Поради техничка грешка текстот е поправен и изваден е делот дека во досие на сопственик на рибен ресторан имало заведено 8 екстра дози терапија. ОЈО информираше за медицинско досие во кое имало 8 дополнителни дози терапија, но без да прецизира чие е досието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот