На неоградениот жежок асфалт гинат и мечки
Се зголемува популацијата на кафеавите мечки во Македонија, на Балканскиот Полуостров и пошироко, а со тоа се зголемува и интеракцијата на овие големи ѕверови со луѓето – излегуваат на автопатите и предизвикуваат сообраќајни несреќи, влегуваат во сточарските и пчеларските фарми, па дури и напаѓаат и убиваат планинари, како неодамна на Алпите во Италија. Во последните десетина години во македонските медиуми е објавено за најмалку пет случаи кога автомобили удриле во мечки на автопатите или на локалните патишта, при што несреќите се со различен исход за мечките, а за среќа, во ниту еден случај не загина човек.
Препорачано
За патиштата во Македонија се надлежни Македонијапат, ЈП за државни патишта, а за животните е надлежно Министерството за животна средина, но ниту една институција не води статистика за тоа колку мечки, но и друг дивеч, кучиња-талкачи или стада домашни животни се прегазени од возилата. Ниедна институција не води статистика на државно ниво за тоа колку животни, односно дивеч, бездомни кучиња или домашни животни, предизвикале сообраќајни незгоди, а притоа и се прегазени од возила на македонските патишта. Единствено тетовската полиција соопшти податок дека само во 2022 година на автопатот Гостивар – Скопје се
случиле 72 сообраќајни несреќи во кои настрадале бездомни кучиња, а ги довеле во опасност патниците во возилата и предизвикале материјална штета. Бројката е многу поголема ако се има предвид дека инциденти има и со диви свињи, куни, лисици, зајаци, па дури и домашни животни, кои често и не се пријавуваат поради бавните судски постапки за наплата на отштета од државата.
За да нема вакви инциденти модерните земји градат т.н. зелени премини над автопатите, какви што во Македонија засега нема, а неизвесно е дали ќе има и на новите автопати и магистрали од коридорите 8 и 10д што ќе ги гради „Бехтел и Енка“.
Сите несреќи на автопатите се случени ноќе
Последен случај со прегазена мечка се случи минатиот месец на автопатот Тетово-Скопје кај Карпалак кога 21-годишен возач ноќе удри во животното и притоа беше повреден. Од „Македонијапат“ тогаш за „Слободен печат“ изјавија дека нема начин мечокот да влезе на автопатот на местото каде што е прегазен, туку дека најверојатно се симнал од резерватотот Јасен и влегол на клучката кај Групчин, која е од отворен тип, како и сите останати клучки во земјата. Тоа значи дека мажјакот слободено се движел по коловозот повеќе километри додека не наишол автомобилот. Од „Македонијапат“ излегоа со претпоставки дека околу резерватот е можно да има некоја искината ограда или навалена и оштетена од снегови, од каде излегло животното.
– Во последно време ова е четврти пат во тој дел на автопатот да се појави мечка, а овој пат животното е усмртено. Од дивеч најмногу се прегазуваат диви свињи, а досега никогаш не се случило да најдеме прегазен волк. Секако дека има прегазен помал дивеч на автопатите, како куници, лисици, зајаци, но за нив ние не дознаваме, затоа што се ситни животни, не прават штета на возилата и никој не ни ги пријавува. Не се случило ниту да имаме прегазени елени и срни. Најчесто прегазен дивеч има на патот Маврово-Дебар – ни објаснија тогаш од „Македонијапат“.

Минатата есен кумановец имаше блиска средба со мечка на автопатот Тетово-Скопје кога со автомобилот удрил во мечка, но не сфатил во што удрил, па излегол од голфот, по што, според неговото сведочење за медиумите, мечката тргнала кон него. Авантурата на кумановецот со животоно, според неговите зборови траела половина час, а настанот исто така, се случил ноќе.
Вознемирувачка објава имаше и лани во август, кога од Националниот парк „Маврово“ ја известија јавноста дека автомобил удрил мечка на патот Дебар-Маврово на потегот меѓу селото Јанче и Ростушки мост, при што мечката е повредена, па заради тоа може да биде агресивна. Од НП тогаш ги предупредија спортските риболовци, планинарите и другите посетители на тој потег да бидат особено внимателни и веднаш да ги повикаат ако ја забележат мечката.
Во октомври 2021 година возач од Кичево исто така ноќе удри и усмрти мечка на автопатот Тетово-Скопје, а во инцидентот немаше повредени, а речиси по истото сценарио, во август 2016 година кај Групчин беше усмртена мечка од автомобил, а возачот и сопатничката беа повредени. Убиена мечка во изминативе години имаше и на автопатот Тетово-Гостивар.
Во Македонија има околу 300 мечки
Од Македонското еколошко друштво се категорични дека за да се избегнат вакви несакани ситуации е потребно да се изградат зелени премини, мостови над автопатите или тунели под нив. Александар Стојанов од МЕД објаснува дека мечката главно е распространета во Западна Македонија, а ја има и на Скопска Црна Гора, како и на југ, на планините Кожуф и Ниџе. Во Источна Македнија се јавува повремено на јужните падини на Осоговските Планини, Малешевските Планини и на Плачковица, доаѓа од Рила и Стара Планина во Бугарија, но не успева да остане, да се насели и да создаде популација.
Тој вели дека во Македонија има околу 300 мечки.
– Реално, немаме прецизно научно истражување со кое ќе се утврди бројноста на мечката, како на пример во Словенија каде со посебни генетски анализи е утврдено дека има 490 мечки. Во Хрватска се околу 1.000. Инаку, шпекулативно, значи не е научно потврдено, во Македонија има околу 300 мечки. МЕД бројката ја проценува на 200 до 250, Министерството за шумарство смета дека се од 360 до 380 мечки. Колку да се, треба да се направи научно истражување за да се потврди бројката. Популацијата е стабилна и е во благ пораст – вели Стојанов за „Слободен печат“.

Кај нас, објаснува тој, живее кафеавата мечка, од подгрупата на Динарско-Пиндската популација, а на истокот влегуваат мечки од друга група, од Источно-европската популација.
– Како што реков тие мечки од истокот не се задржуваат и засега немаат контакт едни со други, не комуницираат. Инаку, кога би се задржувале и другиве кај нас, двете популации би се сретнале и споиле кај Вардар – вели тој.
Иако е стого заштитен вид, мечката во Македонија најмногу страда од криволов, па од прегазувања со возила, а поретко и од сточарите, кога ќе им направи штета. За мечката е закана и унишувањето на живеалиштата што се случува кога луѓето ќе изградат големи инфраструктурни проекти со кои ја пресекуваат нивната теритрија или ја намалуваат.
– Тоа што немаме никакви инфраструктурни премини над автопатите е горлив проблем за мечката, исто како и за рисовите. Проблемот може да се реши на повеќе начини, со изградба на мостови, тунели или со подземни премини. Исто, треба да се постават и огради на автопатите и на клучките. При секој нов инфрастурктурен проект се прави Оценка за влијание на животната средина и битно е тие оценки да бидат издржани, а потоа во проектирањето да се почитуваат препораките. Оти, не е само да се изгради мост за крупните цицачи, тој мост треба да биде и на место каде мечките навистина минуваат. Исто така, многу е полесно и поевтино да се направат мостови кога се градат нови патишта, отколку да се градат мостови на постоечки патишта – вели Стојанов.
За жал, додава тој, во Македонија нема мониторинг за крупни месојади, а тие податоци би биле корисни за да се лоцира каде да се изградат премините за животните, затоа што искуствата покажуваат дека мечките навистина ги користат.
– Во Хрватска има неколку зелени мостови, а неодамна видов видео од колеги од Грција каде се гледа дека мечките поминуваат и на подземни премини. Локацијата околу преминот се оградува и така мечките се насочуваат од каде да поминат и штом го лоцираат преминот, се навикнуваат и така непречено си ја корстат територијата без да бидат во опасност од прегазување. Во Грција има и посебни мрежи за оградување на патиштата кои се отпорни на мечки. Во Италија, пак, сега се тестира еден нов систем со звуци и светла со кои се предупредуваат животните дека наидува возило кое пребрзо се движи – објаснува експерот.
Тој додава и дека МЕД пред десетина години има изработено карта, национална еколошка мрежа, каде се означени сите потенцијални екокоридори, со обележеани јадрови подрачја. Стојанов вели дека во последните годни имало и еден случај на прегазување на рис.
Нема предвидени зелени мостови за новите автопати
„Слободен печат“ го праша ЈП Државни патишта дали при изградбата на патиштата од коридорите 8 и 10д ќе се гради и инфраструктура за да се спречат животните да излезат на коловозите, односно дали ќе има ограда на автопатите Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола, како и друга инфраструктура. Од претпријатието одговорија дека со изведувачот „Бехтел и Енка“ имаат потпишан Меморандум за разбирање со кој се согласиле дека „ќе соработуваат во согласност со начелата на меѓусебна соработка и во согласнсот со законската рамка на националното законодавство, а проктот вклучува соработка во повеќе области, вклучувајќи ја и проценка на социјалното влијание и врз животната средина“.

Оттаму рекоа и дека во Националната стратегија за транспортен сектор (2018-2030) во делот за заштита на животната средина се развиени мрежи на национално ниво, меѓу кои позначајните се Емералд мрежата и МАК НЕН мрежата. Емералд е мрежа на области со посебен интерес за зачувување на природните живеалишта и се развива на територијата на странките на Бернската конвенција.
– Вкупно 35 области се вклучени во националната Емералд мрежа, од кои 20 се во алпскиот биогеографски регион, односно западна Македонија, а останатите се во континенталниот регион, односно источна Македонија, со вкупна површина од 752.223 хектари, што е околу 30 проценти од територијата на државата. Дванаесет Емералд области се целосно заштитени подрачја, две се делумно заштитени, а останатите се надвор од мрежата на заштитени подрачја. Во 2011 година изработена е т.н. Национална еколошка мрежа (МАК-НЕН) од страна на Македонското еколошко друштво, во која се дефинирани елементите на еколошката мрежа, како: јадрови подрачја, заштитни појаси, линиски коридори, коридори со премини и сл. Државните патишта, исто така, како линиски коридори (инфраструктура) во просторот, на одредени подрачја се пресекуваат со линиските коридори од еколошката мрежа. На тие места, уште во фаза на проектирање и спроведување на постапката за оцена на влијанието врз животната средина, се предвидуваат посебни мерки за намалување на влијанието врз еколошките коридори. Примери за такви мерки се: редовен мониторинг на дивите животни во фаза на проектирање, градба и одржување на патиштата, поставување на објекти на патот кои исто така ќе имаат функција како премини за диви животни – тунели, вијадукти, мостови, потпатници, пропусти и сл, а како мерка може да се предвиди и т.н. зелен мост. Во овој момент на ниту еден проект не е предвиден наменски зелен мост како премин за диви животни, но се анализирани критичните делници каде постојат коридори на еколошката мрежа каде се поставуваат други објекти на патот кои ја вршат таа функција. Во иднина не е исклучена можноста од поставување на намески зелен мост на патна делница за која ќе се утврди потреба од стручните лица – велат од ЈП Државни патишта.



