На изложбата „Неподнослива празнина“ на Дијана Томиќ Радевска уметничката естетика е втемелена на етиката

Самостојната изложба со наслов „Неподнослива празнина“ на Дијана Томиќ Радевска, која од 1 до 15 октомври е поставена во Музејот на град Скопје, е уметнички одговор на прашања што имаат суштествен етички предзнак.

Визуелното доживување на изложбата „Неподнослива празнина“ на Дијана Томиќ Радевска, практично, е вкомпонирано од шест посебни целини: колажи –како прочистување на личните досиеја; групација на графики (цртежи) како лирско чистење на душата; групација на графики (цртежи) – спирали како симболи на хаосот и желбата да се воспостави ред; објекти – повторно спирали (затворени, отворени и растурени); циклус графики поставени во низа и група („Прекрасно тело“ – рендген снимки од коски); и видеото „Бестежинско летање“ со сцени од природа, дрвја, треперење и звучна дополна од мирно ритмично дишење.

Авторската рефлексија околу потребата за изложбата е сублимирана во неколку реченици. „Сe чувствувам истрошено, празно. И она што повеќе години го работам, ме замислува и ме прогонува. Дали треба сѐ да се преработи, да се селектира во специјални фиоки на чување? Да се продолжи? Како? Кому да се обратам? Прочистувајќи ги чувствата создадени од анализата на потребата за творештво, како ангажираност или како ништожност, почувствував потреба овој циклус на размислувања да го сублимирам во изложбено доживување“, открива Томиќ Радевска.

Нејзините вербални, но и визуелни рефлексии внимателно ги слуша, гледа и промислува професорката Маја Бојаџиевска, која во текстот со наслов „Неподнослива празнина или припитомување на загубата“ прави теориска вивисекција на изложените дела.

„Еден можен одговор лежи веројатно во промислувањето на загубата, затоа што денес (ако под ’денес‘ разбираме временски период од речиси две години) сведочиме дека загубата се претвори од персонален во планетарен поим. Повеќе од кога било во нашето генерациско паметење, соочени сме со ексклузивен фокус на преживувањето, или, како што вели италијанскиот филозоф Џорџо Агамбен, на зачувувањето на голиот живот. Во ова соочување, во постојаната борба да се избегне физичкото страдање и губењето на животот – она што се жртвува од страна на целото човештво му припаѓа на еден повисок ред.

Во тој повисок ред, всушност, ја жртвуваме нашата работа, нашите пријателства, нашите семејства и социјалните врски, ги жртвуваме нашите ритуали и обичаи – со еден збор – сето она што на животот му дава смисла и ја дефинира неговата вредност. Парадоксот е во тоа, како што нагласува Агамбен, што во борбата за голиот живот – кој е нападнат од нешто што во нас живее (или, како што би рекла Дијана – од некое тело во нашите тела) – ние му се посветуваме единствено на биолошкото преживување кое претставува ’човечки живот‘ само според своето име, така што доброволното одбирање на таков живот не е само персонално жртвување, туку облик на општо морално самоповредување“, забележува Бојаџиевска.

Графика од циклусот „Прекрасно тело – Коски“ изработена во сито печат во студиото на „Партизанска штампа“ / Фотографија: Роберт Јанкулоски

Сепак, создавајќи внатре во пандемиската реалност, Томиќ Радевска не ги тематизира плакативно рестрикциите на нашите човечки слободи или паничната посветеност на преживувањето по секоја цена, ниту пак, ја опсервира само борбата за голиот живот. Туку, во пределите на убедливата, чиста и храбра визуелна култура, во нејзиниот напор да се одговори на вечните, но и најтешки прашања за уметникот и за човекот, како резултат добиваме победа на уметничката свест, која својата естетика ја втемелува на етиката, заклучува Бојаџиевска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 99, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот