На изложбата „Акт“ се претставени осум скулптури на Ненад Тонкин
Во НУ Центар на култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово на 20 октомври, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложба на скулптури со наслов „Акт“ на ликовниот уметник Ненад Тонкин.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Изложбата содржи осум скулптури од последните два циклуси на уметникот. Ова е 9-та самостојна изложба на Тонкин и во галеријата ќе биде поставена до 3 ноември 2022 година.
– „Акт“ е изложба на скулптури, со мал и голем формат, кои се дел од два циклуси изработени и изложувани во различни периоди. Скулптурите одбрани да бидат дел од овој концептот ги спојува една главна карактеристика – фигурацијата, односно приказ на човечко тело. Другата важна заедничка особина за овие дела е што се изработени исклучиво со употреба на рециклирани материјали, отпад и ready-made / ready-found објекти.
Актот како ликовен мотив е многу честа појава во ликовното творештво. Претставено преку различни видови уметнички стилови, од класичен до апстрактен, човечкото тело е вечна инспирација за истражување и создавање. Во рамки на овој концепт уметникот се обидува да го претстави човечкото тело преку една друга, нетипична перспектива на набљудување на формата и суштината на телото. Така, има скулптури чие создавање е инспирирано од детски цртежи каде не се истакнува анатомијата и пропорциите на човечкото тело туку првенствено е запазен детскиот слободен и креативен израз.
Има и такви скулптури кои се создадени врз основа на одредени чувства на уметникот или, пак, скулптури кои се вид на илустрација на негови претрпени стравови, од детството, но и актуелни. Сепак, сите тие имаат или барем се трудат да имаат некаков облик со одредени карактерни црти и лик својствени за човечкото тело – појаснува ликовниот уметник Ненад Тонкин.
Ненад Тонкин е воспитувач во градинка и академски скулптор. Неговата магистерска теза од областа на скулптурата го истражува и анализира уметничкиот предизвик при создавање скулптури инспирирани од цртежи на деца од градинка. Работел во детска градинка како воспитувач. Одржал и креирал неколку детски ликовни работилници.
Изработува скулптури исклучиво со употреба на рециклирани материјали и најдени готови предмети. Реализирал повеќе самостојни и групни ликовни изложби во земјата и странство. Насликал неколку мурали со поголеми димензии.
Дизајнира сценографија за театар. Автор е и на музика за неколку театарски претстави. Компонира и издава своја авторска музика под псевдонимот Mammoth & Yashem. Бил член на музичката група „Bei the Fish“. Роден е и живее во Скопје.


