На изборите Албанците здружени за ЕУ, Македонците поделени

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

ВМРО-ДПМНЕ на јавната сцена го подгрева македонскиот национализам или пак обратно, создава антиалбанско (божем анти ДУИ) расположение, а зад грбот е подготвеена да коалицира со било која партија на Албанците, дури и со ДУИ, само за да дојде на власт

Љубиша Николовски

Од она што е досега адресирано во јавноста, станува јасно дека идејата за голема коалиција меѓу македонските партии и некоја од партиите на Албанците, како компромисно решение за стабилизирање на државата и продолжување со европскиот пат, нема ништо.

ВМРО-ДПМНЕ опстојува на ставот дека додека од нив зависат уставните измени, тие нема да ги подржат ниту сега како опозиција, ниту како власт доколку некогаш бидат тоа.

Оттаму и ставот на СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ ја изневерува европската иднина на земјата. Според зборовите на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, на сите нѝ е добро познато дека единствената наша домашна задача поврзана со отворањето на поглавјата не може да се реализира поради блокадата од ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа значи сѐ додека не го завршиме дополнувањето на Уставот, овој застој практично ги става во лер, на неопределено време процесите и сѐ она што е сработено. Ги одложува најважните придобивки за граѓаните и ја става земјата во незавидна позиција“, вели Маричиќ за Рацин.мк.

Свесни за можниот застој во европските интеграции, албанските политички субјекти, во патриотска мисија да ја спасат земјата од меѓународна изолација, се надминуваат себеси и преговараат за формирање на сојузи со кои би застанале во одбрана на европската перспектива на Македонија.
Оваа позиција многу експлицитно ја исцрта лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари кој во интервју за „Слободен печат“ говореше за создавање т.н. блокови од партии или комбинации од партии од оние во опозиција со партии партиципиенти во власта.

„Ние албанските партии“, вели Таравари, „треба да смислиме опција како помалку блокови да имаме; или една заедничка, или најмногу два блока. Ако оди Алијанса со ДУИ најверојатно ќе има 4/5 од вкупниот број на албански пратеници. Ако оди со опозицијата ќе има над половина, а ако Алијанса оди сама, со одредени помали албански партии, тогаш ДУИ повторно ќе победи и тогаш ќе имаме три блока што не е добро“, заклучи претседателот на АА.

Тоа можеби не е прв обид раздробеното албанско политичко ткиво да проба да се обедини, што никогаш не било случај со партиите на Македонците. Но, она што овој пат ги обединува не се никакви тирански платформи или барања за веќе ноторните колективни права на Албанците, туку желбата за исполнување на приоритетот над приоритетите на сите Албанци, а тоа е членството во ЕУ. И за тоа се подготвени да коалицираат со секоја македонска партија која тој државен интерес е подготвена да им го испорача.

Засега тоа им го овозможува СДСМ како партија која сиот свој политички габарит го насочи токму на продолжување на европскиот пат на Македонија.

За жал, барем што се однесува до АА и ДУИ, не гледаат таков потенцијал кај ВМРО-ДПМНЕ. Според зборовите на Таравари, тие не се подготвени да влезат во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ дури да им понуди, како што вели, ниту 15 министерски места, доколку немаат европска перспектива и тоа не само декларативно. Таа (ВМРО-ДПМНЕ), вели тој, мора да гарантира дека европскиот пат ќе биде по секоја цена приоритет и тоа во ограничен временски период.

„Алијанса за Албанците нема да се приклучи на било кој блок што ќе ја стагнира државата во следните пет до десет години.“

Уште подециден во неизбежноста од продолжување на европскиот пат е министерот за надворешни работи и потпретседател на ДУИ Бујар Османи. Тој за „Слободен печат“ изјави:

„Никој нема да може да формира Влада без да обезбеди европски пат за државата. Тоа го кажувам и можам да ви потпишам сега, дека никој нема да може да формира Влада доколку во наредните три месеци од таа Влада нема уставни измени“.

Но, важно е да се каже дека идеолошката сцена е поларизирана во два блока, европски и антиевропски. Тоа наметнува дека таква ќе биде и кампањата, дека така ќе се групираат силите. И пред и по изборите.

И додека партиите на Албанците се групираат, македонските партии до изборите ќе трчаат одвоено, сами. Која од нив по изборите ќе формира Влада во политичката констелација што е пред нив, допрва ќе се види.

Но, последиците по македонското етничко ткиво ќе бидат видливи, а за тоа најголема вина веројатно ќе има ВМРО-ДПМНЕ, која на јавната сцена го подгрева македонскиот национализам или пак обратно, создава антиалбанско (божем анти ДУИ) расположение, а зад грбот е подготвеена да коалицира со било која партија на Албанците, дури и со ДУИ, само за да дојде на власт.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот