На денешен ден – 6 април: Родена е Блага Петреска, македонска пејачка на македонски изворни и новокомпонирани песни
885. – Се упокои Свети Методиј Солунски кој, заедно со својот помлад брат Кирил, беше првиот словенски просветител и творец на првата словенска азбука – глаголицата.
Препорачано
1199. – Почина англискиот крал Ричард I Плантагенет, познат како „Ричард Лавовско Срце“, еден од водачите во Третата крстоносна војна и херој на средновековните легенди.
1490. – Почина унгарскиот крал Матијас I Корвин, реформатор на унгарската држава. За време на неговото владеење успешно се борел против Османлиите и Хабсбурговците. Во 1465 година основал универзитет во Братислава. Го добил прекарот Корвин поради гавранот (латински: corvus) на неговиот штит.
1528. – Почина германскиот сликар и графичар Албрехт Дирер, познат по своите портрети со голема уметничка вредност и извонредните гравури во дрво и бакар (Апокалипса, Големата апокалипса, Животот на Богородица).
1652. – Јан ван Рибек, претставник на холандската Источноиндиска компанија, ја основал првата населба на европски доселеници во Јужна Африка, на местото на денешен Кејптаун.
1667. – Дубровник го погоди катастрофален земјотрес во кој загинаа илјадници луѓе. Земјотресот и пожарот што следувал речиси целосно го уништиле градот, а неговата обнова траела повеќе од 50 години.
1690. – Австрискиот император Леополд I издаде проглас со кој ги повика балканските христијани да и помагаат на неговата војска во борбата против Турците, ветувајќи им за возврат разни привилегии.
1909. – Американскиот истражувач Роберт Пири стигна до Северниот Пол, поминувајќи 1.600 километри со својата експедиција со санки.
1917. – Со објавување војна на Германија, Соединетите Американски Држави официјално влегоа во Првата светска војна.
1941. – Во Втората светска војна, без објава на војна, Германија го нападна Кралството Југославија. При бомбардирањето на Белград беше уништена и Националната библиотека на Србија, при што изгореа околу 300.000 книги и непроценливи средновековни ракописи.
1947. – Родена е Блага Петреска, македонска пејачка на македонски изворни и новокомпонирани песни. Завршила нижо музичко училиште во Прилеп, средно музичко училиште и Виша педагошка академија во Скопје. Три години работела како наставник во нижото музичко училиште во Прилеп, а три и пол децении како член на хорот при операта на Македонскиот народен театар во Скопје. Ја играла насловната улога во драмата „Коштана“ заедно со Петре Прличко. Првите снимки како изведувач ги направила со оркестарот на Кочо Петровски. За РТБ, а подоцна за повеќе македонски издавачки куќи, снимила голем број плочи, цедеа и други носачи на звук со разни оркестри и групи.
1971. – Во Њујорк почина композиторот Игор Стравински, еден од највлијателните творци на музиката на 20-тиот век, познат по балетите „Огнена птица“ и „Посветување на пролетта“.
1992. – Европската заедница ја призна независноста на Босна и Херцеговина. Истиот ден паднаа првите жртви во Сараево, што го означи почетокот на војната во БиХ.
1994. – Во Руанда започна страшен геноцид откако беше соборен авионот со претседателите на Руанда и Бурунди. Во масакрите што следуваа беа убиени околу 800.000 припадници на племето Тутси и умерени Хути.
2005. – Почина принцот Рение III од Монако, кој владееше со кнежевството од 1949 година. Го наследи неговиот син, принцот Алберт II.
2009. – Силен земјотрес ја погоди централна Италија, особено градот Л’Аквила. Загинаа повеќе од 300 луѓе, а десетици илјади останаа без своите домови.


