На барокна вечер со Јована Топалов и Ана Митоска ќе се одржи прв концерт со клавичембало во Прилеп
Во организација на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, на 7 мај 2026 година (четврток), со почеток во 20 часот, за првпат во Прилеп ќе се одржи концерт на клавичембало – еден од најзначајните инструменти на барокната епоха, кој ја обликувал музичката мисла и изведувачката практика на XVII и XVIII век, а е исклучително редок инструмент во Македонија, со само два функционални примероци во земјата, според достапните податоци.
Препорачано
Концертот, под наслов „Музиката на европските дворови на XVII век“, ќе го изведат Јована Топалов (Србија), чембалистка со меѓународно образование и силна насоченост кон историски информираната изведба, и сопранот Ана Митоска (Македонија), која голем дел од својот уметнички репертоар го посветува на раната музика.
Во текот на XVII век, чембалото доживува голема експанзија, како во својот физички изглед и во градителското мајсторство, така и во поглед на свирачката техника и изразните можности на инструментот. Многу од најценетите композитори го избираат чембалото како еден од основните медиуми на својот уметнички израз. Тоа било важен дел од дворските салони, каде со својот препознатлив изглед и префинет звук го обликувало музичкиот амбиент.
Развојот на музичката уметност и нејзините форми во овој период бил тесно поврзан со културните движења на времето, при што се создаваат дела со висока уметничка вредност, наменети за изведба во различни дворски и камерни контексти. Изборот на композиции на овој концерт нè води на музичко патување од север кон југ на Европа и ни овозможува увид во разновидноста на музичките изрази и форми кои се слушале во XVII век, создадени од композитори кои ја обликувале барокната музичка традиција.

Звукот на чембалото, за разлика од неговиот подоцнежен наследник пијаното, се создава преку механизам на перца кои ги тргаат жиците, создавајќи јасен, светкав и препознатлив тон, карактеристичен за барокната естетика.
Концертот претставува редок културен настан на македонската музичка сцена и ретка можност за доживување на барокниот звучен свет – глас и чембало – во живо, во историски информирана изведба. Настанот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија.
Програмата опфаќа музичко патување низ европските дворови на XVII век – од Англија, преку Австрија и Франција, до Шпанија.

Јована Топалов е чембалистка од Р. Србија со меѓународно образование и силна насоченост кон историски информираната изведба. Дипломирала на отсеците за чембало и пијано на ФМУ во Белград, а ги завршила мастер студиите од областа на раната музика и чембало на UIUC, School of Music (САД). Докторирала на ФМУ во Белград во 2018 година со докторски уметнички проект посветен на интерпретацијата и музичката реторика кај Ј. Ј. Фробергер.
Активно настапува како солист и basso continuo изведувач со ансамбли и оркестри, и е член на ансамблот „Белградски барок“. Од 2022 година предава чембало и камерна музика во Белград.

Ана Митоска е сопран од Македонија со репертоар што преминува низ различни епохи и музички јазици и опфаќа музика од средниот век до современи дела, како и проекти за театар и филм, а голем дел од него е посветен на раната музика. Дипломира соло пеење на ФМУ во Скопје.
Активно настапува на концерти и фестивали, соработувајќи со домашни и меѓународни уметници, а се усовршувала кај реномирани имиња од областа на раната музика. Таа е уметнички автор на фестивалот за рана музика „Dulcia Sonant“, како и на повеќе концертни и мултимедијални проекти.


